Американскиот бискуп Томас Папроки побара американскиот претседател Доналд Трамп јавно да се извини за објавувањето на слика од себе како следниот папа, генерирана од вештачка интелигенција.
Една недела откако присуствуваше на погребот на папата Франциск, Трамп на социјалните мрежи сподели слика од себе генерирана од вештачка интелигенција облечен во белата папска одора.
„Ова е длабоко навредливо за католиците, особено во ова свето време кога сè уште жалиме за смртта на папата Франциск“, рече бискупот Папроки од американската држава Илиноис во објава на социјалните мрежи.
„Со објавувањето на сликата преправен како папа, претседателот Трамп се потсмева на Бога, Католичката црква и папството“, рече бискупот.
Ватикан сè уште не издаде официјален коментар за папската фотографија на Трамп, која тој во саботата ја објави на својот профил на Truth Social и беше споделена од официјалниот профил на Белата куќа на мрежата X .
— The White House (@WhiteHouse) May 3, 2025
На неа се гледа како носи бела мантија позната како мантија што обично ја носи понтифот на Католичката црква, како и златен ланец со крст околу вратот и раскошна митра како украс за глава.
Трамп претходно се пошегува дека самиот тој ќе биде „број еден“ за следен папа.
По смртта на папата Франциск, Католичката црква се подготвува за избор на нов поглавар. Конклавата на подобни кардинали започнува в среда. МИА