Новоизбраниот в.д. градоначалник на Кочани, Венко Крстевски, на првиот прес пред новинарите посочи дека на првиот работен ден на позицијата увидел низа проблеми, кои ја прават состојбата во општината алармантна:
- Состојбата во локалната самоуправа е алармантна. Затечена е хаотична состојба, со нецелосни проекти, таква е и во комуналното јавно претпријатие, каде што сеуште имаме ситуација во која не се знае дали имаме директор и дали таа оставка е валидна. Немаме технички директор. Катастрофална е состојбата и во пожарната, потребниот минимум е 32 пожарникари, а ние имаме 16. Едноставно, целата ситуација е таква каква што е. Меѓутоа, на мене како в.д. градоначалник, со помош на целата јавност во Кочани, ќе се зафатиме со силна и сериозна работа и мора да има драстични промени. Јас сум оптимист, ситуацијата е скенирана во самата општина доста добро. Ја скенираме ситуацијата и во комуналното јавно претпријатие, каде што кажав долгот е скоро 3 милиони евра. Најголем основ на долг е електрична енергија и ќе се заложам со регулирање на кадровската состојба во самото претпријатие да кренеме во решавање на долговите и да го направиме истото да биде функционално, вели Крстевски.
Освен проблеми со администрацијата, се нижат проблеми и со дивоградбите, за кои нема инспекциски служби кои можат да ги регулираат:
- Алармантно е и со дивоградбите, со самите нив е нарушена и безбедноста во градот. Во оваа прилика набавувам сериозна борба против дивоградбите и кривични пријави за секој оној што ќе биде затечен во градење. Нема да има никаква толеранција, никакви отстапки спрема никого. Сите проекти започнати од претходниот градоначалник ќе бидат продолжени. Апел до градоначалниците да ни помогнат во делот со инспекторатите, а до Владата да ја обезбеди ветената финансиска поддршка за Кочани на седница. Секој градоначалник јас поединечно ќе го контактирам, бидејќи сметам дека од секоја општина може да има придонес, подвлече Крстевски.
Крстевски истакна и дека во Кочани постои широко незадоволство од текот на истрагата за трагедијата во „Пулс“ од страна на истражните органи и дека и тој го дели мислењето за селективна правда, со оглед на тоа дека ниту еден актуелен функционер не е предмет на истрага.