Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова денеска оцени дека нападот со беспилотни летала врз регионот Курск од страна на украинските сили изгледа особено цинично по изјавите на Киев за неговата наводна желба за мир.
„Постојаните злосторства на мизантропскиот режим (на украинскиот претседател Володимир Зеленски) изгледаат особено цинично по изјавите за наводна желба за мир. Сепак, тие изјави не треба никого да измамат… Злосторничката киевска хунта не е склона да го решава конфликтот со дипломатски средства и сè уште е опседната со идејата да ја порази нашата земја“, наведе Захарова во соопштение објавено на веб страницата на руското Министерство за надворешни работи.
Таа додаде дека Москва ја повикува светската заедница да ги осуди постапките на властите во Киев и да покаже одлучност да стави крај на „крвавите дела на бандата на Зеленски“.
Во денешниот масовен напад на украински беспилотни летала на Курск загина еден цивил, а девет се повредени. Избувнале пожари во неколку куќи, погодена е гаражата на Итната помош, а оштетени се 11 возила. Според податоците на руското Министерство за одбрана, регионот бил нападнат со 109 беспилотни летала.