Несогласувањата, коишто од некоја „површна ситница“ прераснуваат во расправија што се повторува, се честа појава во љубовните врски. Американскиот психолог Марк Траверс ги објаснува тие кавги со правилото „90-10“.
Според ова појаснување, само 10 отсто од расправиите произлегуваат од непосредниот проблем, а 90 отсто се поттикнати од подлабоки емоции, како што се незадоволени потреби, стари нерасчистени сметки, неискажани стравови. На прв поглед, повеќето кавги во животот, се чини, се поврзани со проблемот што „се гледа“: заборавена задача, обична грешка, неодговорена порака или недостаток на напор во врската. Но, овие предизвикувачи се само десетина од расправијата и се чини дека имаат едноставни решенија: „Слушајте повеќе, планирајте поодговорно и бидете чувствителни“.
Честопати, луѓето зафатени со избувнувањето на караницата, го занемаруваат вистинскиот проблем. Така, и покрај обидите да се поправат овие однесувања, набојот честопати останува, па истите проблеми постојано се повторуваат во облик на нови кавги.
Како да се прекине тој затворен круг?
Траверс истакнува дека прекинот на тоа повторување почнува со согледување на она што навистина го поттикнува судирот и – како да се реши она што е „под површината“, а не само она што е на површината.
Вистинскиот конфликт е на подлабоко емотивно ниво. Пропуштањето средба испраќа порака на неважност, игнорираниот разговор потсеќа на искуства од минатото итн. Овие потиснати емоции, според психологот, сочинуваат 90 отсто од несогласувањето, и произлегуваат од незадоволените емоционални потреби и несигурностите во врската коишто треба да се решат.
Истражување сосредоточено н насилни тепачки меѓу затворенички, открива дека навидум „тривијалните“ конфликти, во суштина ја кријат намерата за доминација и поставување социјална хиерархија. Кога улогите и статусот се нејасни, малите несогласувања ескалираат во битки за контрола. Иако романтичните врски никогаш не треба да вклучуваат физичко насилство, психолошкиот механизам е сличен: Кавгите за мали нешта честопати маскираат подлабоки борби за докажување, важност и почит, самостојност или за емоционална сигурност.