На едно место денар, на друго десет за една иста услуга. Колку го плаќаме комфортот на безготовинското плаќање? Различно, а понекогаш во значаен процент што создава горчина кај граѓаните по извршената трансакција, дури и за минимални износи. Извесно е дека конфорот, што треба да биде придобивка на ова дигитално време го плаќаме од сопствениот џеб.
Нашите анализи покажаа дека различни институции процентуално наплаќаат различно. Плаќањето со картичка во државните институции за извршување на одредена услуга носи и провизија која граѓаните се обврзани да ја платат.
Провизиите што се наплаќаат при секоја трансакција со платежна картичка во институциите се само дел од сложената мрежа на договори, банкарски провизии и нецелосно транспарентни аранжмани. Институциите склучуваат договори со банка која ги нуди најповолните услови.
Граѓанин се обрати до редакцијата на ММС со проблем околу овие провизии. На жител на општина Штип му биле потребни извршувања на две услуги во Управата за водење на матични книги во неговиот град од која едната чинела 100, а другата 50 денари. Тој решил да плати со картичка. Она што е интересно е што и за едната и за другата сума провизијата изнесува 10 денари што во случајов е висока. Тоа значи дека во едниот случај провизијата изнесува 10 проценти, а во другиот дури 20 проценти.
СЛИКА од наплатената провизија

Споредбено со други институции, во јули 2023 година друг граѓанин во ОВР Радовиш платил само еден денар провизија за извршена услуга која чинела 110 денари, за друга услуга која чинела 200 денари платил само два денари, а неколку месеци подоцна, во истата институција платил три денари провизија за услуга која го чинела 300 денари.
СЛИКА од трите белешки

Прашавме и за тоа какви се провизиите во некои од институциите, меѓу кои и Управата за водење на матични книги.
Провизијата во оваа институција изнесува девет проценти, односно минимум 10 денари, а максимум 150 денари ( 10 денари за наплата за изводи, а 150 денари за наплата за венчавка на терен).
Во Централниот регистар провизијата при плаќање со картичка изнесува 1.67 проценти. Односно, ако тековна состојба чини од 295 ден, тогаш провизијата би изнесувала околу 5 денари.
Провизијата пак во МВР за услуги како лични карти, пасоши и возачки дозволи изнесува 0.48 проценти.
СЛИКА ОД провизиите

Во однос на конкретната висока провизија од Управата за водење на матични книги, се обративме до Тутунска банка, која има склучено договор со оваа институција во однос на поставување на ПОС терминал на кој граѓаните плаќаат.
„Провизијата која се наплатува од корисникот на платежни услуги при реализација на платежна трансакција на ПОС терминал може да биде дефинирана како фиксен износ, или процент од износот кој се наплатува. Во ситуации кога поголемиот број на трансакции кои се реализираат на наплатното место се со помал износ, најчесто се поставува провизија со фиксен минимален износ до одредена вредност на трансакцијата, пресметана на начин да ги покрие трошоците на Банката кои произлегуваат од секоја успешна трансакција (трошоци кон MasterCard/Visa, кон процесор, терминална опрема и слично)“, велат од Банката.
Тие додаваат дека кај трансакциите чија вредноста е над вака пресметаниот минимум, провизијата се пресметува како процент од износот кој се наплатува. Провизијата која ја плаќа корисникот на платежната картичка при реализација на платежна трансакција на ПОС терминал е практично еквивалент, не како износ, но како надоместок, на провизија која би била наплатена доколку трансакцијата била реализирана преку безготовински платен промет.
Во случајов сепак, оваа провизија сериозно отскокнува во споредба со провизиите кои ги има во другите институции.
Од 1 јануари 2023 година заменскиот надоместок беше ограничен на максимум 1 процент од вредноста на извршената платежна трансакција, а од 1 јануари 2025 година, висината на заменскиот надоместок беше намалена на 0,2 проценти за дебитни картички и 0,3 проценти за кредитни картички.
За тоа дали институциите треба да ги преземат трошоците за провизии од трансакциите бидејќи се јавува дополнителен трошок за граѓаните, од Народна банка велат дека тоа треба да биде веќе вкалкулирано.
„Со цел да се избегнат ситуациите кога граѓаните би биле изложени на дополнителни трошоци поради провизиите за плаќање со картичка со Законот за платежни услуги и платни системи уредено е дека трговците не смеат да понудат повисок попуст за плаќање со готовина во однос на попустот што се одобрува за плаќање преку платен инструмент заснован на картичка кое подразбира дека трговците трошокот за провизија треба да го преземат и вкалкулираат во вкупната маржа на производите и услугите кои тие ги нудат“, велат тие.
Граѓаните се почесто плаќаат со картичка и користат електронско банкарство
За разлика од државните институции каде провизијата паѓа на грб на граѓаните, ситуацијата е различна во приватниот сектор. Провизијата ја подмирува трговецот, но и таму постои проблем. Во ситуации кога во мали бизниси граѓаните сакаат да платат мала сума со картичка, трговецот најчесто одбива да го стори тоа бидејќи треба да плати голема сума во споредба со сумата која ќе ја добие.
Од 1 јануари 2023 година заменскиот надоместок беше ограничен на максимум 1,00 процент од вредноста на извршената платежна трансакција, а од 1 јануари 2025 година, висината на заменскиот надоместок беше намалена на 0,2 проценти за дебитни картички и 0,3 проценти за кредитни картички.
Овие измени треба токму да се одразат на намалувањето на трошоците за трговците кои тие ги имаат за овие платежни трансакции, што, пак доведува до намалување на цените на производите и услугите кои крајните потрошувачи ги плаќаат.
Доколку граѓаните примаат на пример издршка, парична помош од социјална заштита, додаток за привремена невработеност, додаток за дете, стипендија или слично, за користењето на наведените платежни услуги преку платежната сметка со основни функции, банката не е дозволено да пресметува и да наплатува надоместок.
Податоците на Народна банка покажуваат дека значаен дел од граѓаните во земјата имаат доверба во плаќањето со платни инструменти засновани на картичка. Бројот на платежните картички на граѓаните во земјата со состојба – септември 2024 достигна 1.871.248 платежни картички, при што во периодот јануари – септември 2024 година од страна на граѓаните во земјата, биле реализирани 113.808.117 трансакции, што претставува годишен раст од 16,8%, споредено со истиот период од 2023 година.
Споредено меѓу периодот јануари – септември 2023 и истиот период 2024 година, забележан е годишен раст од 37,4% на бројот на реализираните трансакции.
Исто така, значително се зголемува употребата на апликациите за мобилно плаќање, кое бележи годишен раст во бројот на извршени платежни трансакции од 46,3%. Во контекст на овие податоци се истакнува податокот дека граѓаните извршиле 64% од вкупниот број електронски иницирани платни налози преку мобилните платежни апликации, што покажува дека мобилните апликации за плаќање стануваат сѐ попопуларни, бидејќи нудат побрзи и поедноставни решенија за иницирање на платежните трансакции.
Од овие трансакции, некои институции „дебело“ проифитираат, секако од џебот на граѓаните, во обид на скратат пат од шалтер на шалтер.
Кристијан Трајчов