На бебињата не им требаат премногу калории, но имаат потреба од хранливи и здрави состојки. Сепак, некои намирници коишто често им се нудат на најмалите се, всушност, нездрави и содржат многу калории, шеќер или сол и многу малку хранливи материи.
– Бебињата имаат многу мал стомак што висококалорична храна брзо би го наполнила, не оставајќи простор за здравата храна и хранливите материи. Овој нутритивен дефицит може дури и да го попречи нивниот развој. Затоа, многу е важно да се знае која храна е најдобра за бебето и која исхрана треба да се избегнува, вклучително и незгодна храна што е потенцијална опасност од гушење, вели Кристин Гербштад, лекар во Академијата за исхрана и диететика во САД.
Преработена храна – тоа не е најдобар избор за бебето
Луѓето ја дефинираат преработената храна на различни начини, но генерално, колку повеќе храната се менува од првичната состојба, и колку е подолг списокот додадени состојки – толку повеќе е – преработена. Колку што храната, пак, е попреработена, толку повеќе се намалува нејзината хранлива вредност и се зголемува содржината на шеќер, сол и маснотии.
Совет: Готовата храна наменета за поголеми деца и возрасни, не е најдобриот избор за бебињата. Наместо тоа, се препорачуваат оброци специјално подготвени за бебиња. Особено оние коишто содржат само неколку состојки, без додадена сол, шеќер или модифициран скроб.
Без премногу чоколадо!
Дигестивниот систем на бебето што сè уште се развива – не е прилагоден на сложените состојки што ги содржи чоколадото. Какаото, шеќерот и другите составни делови може да предизвикаат немир во малото стомаче, раздразливост, надуеност, осип или нарушување на сонот. Високите нивоа шеќер влијаат и на чувствителниот панкреас, па може да создадат навики за претерано јадење и зголемена желба за слатки и подоцна во животот, пишува порталот „Кликс“.
Поздрава замена за чоколадото, според стручњаците, се овошните кашички, особено домашните. Тие ќе ја задоволат потребата за слатко кај бебето – без никакви штетни последици.
Помфрит
Истражување спроведено во САД посочи дека околу 14 отсто од деветмесечните бебиња јадат помфрит најмалку еднаш неделно. Оваа бројка се зголемува на повеќе од 40 отсто до 12-месечна возраст, со што пржените компири се меѓу најчестиот зеленчук во исхраната на малите деца.
Тоа, според научниците, е почеток на нездравите навики. Важно е да се намали количината на брза храна за бебето, бидејќи таа е полна со масти, шеќери, сол и калории, а има многу малку здрави хранливи материи. Ако сè уште ви треба нешто „брзо“ или закуска во движење, поздрав избор се јогуртите и овошни каши.
Газираните напитоци немаат никаква хранлива вредност
Безалкохолните сокчиња се, исто така, чести во исхраната на доенчињата и малите деца. Според истражувањата, повеќе од 10 отсто од малите деца до 24 месеци, пијат газиран сок барем еднаш на ден.
Газираните сокови не содржат апсолутно никакви хранливи материи, а зафаќаат простор во стомакот, што за бебињата значи дека внесуваат помалку од хранливата храна што му е потребна малото тело во развој… Без разлика дали се работи за обичен или диетален сок, тоа најчесто содржи многу шеќер, што може да предизвика не само расипување на забите, туку и други здравствени проблеми.
Негазирани сокови
И другите сокови, честопати не се здрави иако, секако, содржат овошје. Влакната во свежото овошје најмногу се губат при процесот на цедење, оставајќи така само многу шеќер. Сокот може да предизвика и дијареа кај некои бебиња.
Ниту користењето сок за засладување на детската храна не е добра идеја, бидејќи шеќерите во сокот може да го забрзаат варењето на храната и да ја попречат способноста на телото да ги апсорбира хранливите материи.
Сокот, обично, не се препорачува за бебиња под 12 месеци. Американската академија за педијатрија советува бебињата под 6 месеци да пијат само мајчино млеко или пак, прилагодено млеко. Од 6 до 12 месеци, може да му се дадат мали количини вода на малечкото, но мајчиното или прилагоденото млеко, сепак, треба да бидат нивниот главен напиток.