Во текот на вчерашниот ден општинскиот инспектор за животна средина на општина Струмица извршил три вонредни инспекции во три производствени капацитети и кај сите нашол неправилности. Како што соопшти градоначалникот Костадин Костадинов, донесени се решенија со кои се покренува постапка против двете правни и едно физичко лице. При тоа, како што додава, целта на општината не е казнување, но треба да се стави ред, апелирајќи да не се загрозува животната средина.
-Извршени се три вонредни инспекциски надзори од кои еден кај правен субјекти со дејност производство на друг мебел, еден кај правен субјект производство на алуминиумски конструкции и еден инспекциски надзор е направен над физичко лице.
Од извршените инспекциски надзори констатирани се неправилности кај сите три субјекти на надзор и тоа : Кај еден правен субјекти ќе биде поведена прекршочна постапка согласно член 37 став (4) од Законот за управување со отпадот со издавање на прекршочен платен налог со казна во висина од 9000 евра за правниот субјект и 500 евра за управителот на правниот субјект на надзор. Кај еден правен субјекти ќе се донесе Решение за изработка на Елаборат за животна средина. За едно физичко лице ќе биде поведена прекршочна постапка согласно член 37 став (4) од Законот за управување со отпадот со издавање на прекршочен платен налог со казна во висина од 250 евра, информираше Костадинов.
Општина Струмица најави дека во периодот кој следува ќе се спроведуваат вонредни надзори од страна на инспекторот за животна средниа.
Изминатата сабота граѓаните на Струмица организираа протест со неколку барања. Едно од барањата беше поголема контрола и казни за загадувачите.
Во текот на вчерашниот ден претставници на општината и градоначалникот Костадинов одржаа состанок со активистите од „Зелена котлина“, на кој беа најавени неколку мерки што ќе ги преземе локалната власт со цел намалување на аерозагадувањето.
Општината најави дека ќе го обнови повикот за изработка на зелен катастар со впишување на секое дрво во системот; Општината со свој буџет започнува да гради мрежа на индикативни мерни станици во градот оваа година со 6 индикатори за ПМ2,5 поставени на определени точки во градот; Сите дозволи на фирмите со интегрирана Б категорија и елаборатите за заштита на животна средина се објавуваат на едно место на веб-страната на Општината, а увид се врши во просториите на Општината. Покрај овие неколку мерки, ќе се следи загадувањето преку дрон со термална камера, при што наодите ќе бидат видливи за сите граѓани. И како мерка на која веќе се работи е катастар на загадувачи, кој ќе биде објавен во текот на мај.
-Доставуваме решенија до сите фирми со производствен погон за вградување на филтри и дека доколку не биде тоа реализирано казните се движат од 9. 000 до 100. 000 илјади евра. Јавно да се објавуваат увозниците на отпад во Струмица.Забрана за движење на тешки товарни возила низ централното градско подрачје во текот на денот, освен во утринските часови кога има дотур на стока. Со проектот Safe City во комуникација со МВР поставуваме камери низ цела критична инфраструктура во градот. Започнуваме традиционална акција за засадување на дрвја, соопшти Костадинов.
Фото: Здрава котлина