За сето ова да се превенира, ние треба да тргнеме од самите себе, од основната единка, од семејството, од развојот на една личност и се што следува натаму, рече Гаврил Бубевски, основен јавен обвинител на ОЈО Скопје, во вечерашното интервју во „Топ тема“ на ТВ Телма за сообраќајката со смртни последици на „Партизанска“ во која животот го загуби 22-годишната Фросина.
„Но, со оглед дека ние овде наоѓаме некаков проблем, затоа што Васил очигледно располагал со некое возило. Постапката што се води против него за ова кривично дело е проширена и за постапка да се испита влијанието и дејствијата на родителите во насока на која му е овозможено на тоа лице да има средство кое што може да се толкува како општо опасно“, вели Бубевски.
Бубевски додаде дека, покрај проширување на постапката кон родителите, дадени се соодветни наредби и до МВР и СВР Скопје.
„Да се испитаат околностите во однос кој му давал средства за бензин на возилото, од кога е возилото, кога го употребувал, кога е купено… Сето тоа ќе биде предмет на анализа и евентуално ако може да се стават тие дејствија во насока да му се става општо опасно средство со кое е извршено кривичното дело, тоа би подлегнало на некаква одговорност“, изјави Бубевски.