Земјоделството е една од клучните гранки на македонската економија, но интересот на младите за оваа професија драстично опаѓа. Сè помалку млади луѓе се одлучуваат да останат во руралните средини и да го продолжат семејниот агробизнис. Работата од утро до мрак во земјоделска сезона, работа без викенди и празници, некогаш и без летување не е опција за младите кои потекнуваат од земјоделски семејства. Наместо на нани, повеќето ја бараат својата иднина во градовите или во странство.
Според претседателот на Националната земјоделска мрежа Ѓорги Каракашев, кој од дете работи и живее од тешката земјоделска работа, земјоделието не е атрактивна дејност од причина што бара откажување од многу цивилизациски вредности.
„Оваа гранка не познава празници, годишни одмори, К-15, боледување и слично. Едноставно, луѓето кој го работат ова најчесто живеат во рурални средини каде имаат дефицит на основните потреби и немаат елементарни услови за живот. Тука најмногу би ги спомнал пристапните патишта, улично осветлување, канализација, објекти за културен живот, здравствени услуги, буквално сѐ“, вели Каракашев.
Тој напомена дека последните години земјоделието тоне рапидно бидејќи е неисплатливо бидејќи има климатски промени, поточно нагло опаѓање на количините и квалитетот на производство, а за сметка на тоа, зголемување на трошоците за производство.
„Младите земјоделци во нашата земја нема, нема го доволен број. Младите генерално бараат брз начин на заработка на пари. Егзистенцијата и иднината на младите е во странство, се иселуваат. Целото тоа се должи на долгиот период на стагнација и уназадување на земјоделското производство, а самото тоа значи и нерентабилност во оваа стопанска гранка, а младите постепено, но сигурно полека го губат тоа“, рече тој.
Дополнително, лошата инфраструктура, несигурните приходи, недоволната поддршка од државата и перцепцијата дека земјоделството е напорна и непрофитабилна работа се само дел од причините. Дали постои начин да се разбуди интересот кај младите и да се спречи изумирањето на оваа важна гранка?
„Едноставно младите губат надеж и не гледаат перспектива во оваа гранка. Со тоа, излезот го бараат надвор од државата. За парадоксот да биде уште поголем, истите тие млади во странство ја работат истата или слична работа, само што таму работат на туѓи површини, а не на сопствени. Со тоа, остваруваат некоја економска заработка која секако е многу подобра од овде“, дециден е Каракашев.
Тој е на став дека неколку мерки треба да се преземат за да се привлече интересот кај младите за земјоделство.
„За да се привлечат млади земјоделци, тие најпрво финансиски мораат да се подржат. Понатаму, со таа стратегија да се утврди динамика, да има гаранција со кое младите ќе бидат сигурни дека она што ќе го произведат ќе им биде откупено и наплатено. Треба да се менува и свеста кај луѓето бидејќи треба да се знае дека оваа гранка има перспектива и се повеќе луѓето ќе имаат потреба од храна која станува се поскапа“, смета тој.
Според него, еден вложен денар во земјоделието се враќа еднаш до два пати, па ако се вложи една милијарда за производство на храна, најмалку уште толку ќе се врати за државата преку производство.
Конче – Општина која живее од земјоделието
Земјоделството е гранка за која во општина Конче нема интерес од младите, но во исто време е единствена дејност во оваа рурална општина.
Младите од Конче не ја преферираат оваа работа, но оние кои решиле да останат тука, сепак на некој начин се и приморани да го работат тоа.
„Ние како општина по глава на жител сме една од најголемите производители на тутун. Имајќи во предвид дека сме рурална општина, околу 80 отсто од жителите се занимаваат со тоа. Како општина се трудиме максимално да им помогнеме“, изјави градоначалникот на општина Конче, Златко Ристов.
Тој вели дека Министерството има различни повици за финансирање на младите земјоделци, но слаб е интересот на пример за нови насади и воведување на некои новитети за производство.
„Кај поголем дел од граѓаните преовладува ставот дека некои од производите се нерентабилни. На пример, ние имаме рекордно највисока цена на тутунот, но имајќи во предвид дека економските показатели се дека трошокот за производство е трикратно зголемен, оттука и откупната цена мора дополнително да се зголеми“, додава тој.
Столе Георгиев од Локалната Акциона Група Плачковица за локален и рурален развој на територијата на општините Карбинци, Конче, Радовиш и Штип вели дека генерално секаде е намален интересот на младите за занимавање со земјоделие, па така и во Општина Конче каде занимавањето со земјоделски активности бележи голем тренд на опаѓање.
„Праксата покажува дека за младите се попривлечни други стопански дејности и активности за разлика од земјоделството. Покрај тоа потрендовски е миграцијата и тоа не само во големите градови туку и надвор од државата“, смета Георгиев.
![](https://mms.mk/wp-content/uploads/2024/08/zemjodelstvo-navodnuvanje-mia-foto.jpg)
Тој е на став дека веќе е задоцнето да се направат било какви напори кои што ќе може да направат драстична промена кон перцепцијата на младите да се занимаваат со земјоделство, но сепак постојат можности и начини да им се помогне на оние кои сакаат да живеат и останале да живеат во руралните средини.
„Многу е важно да им се пружи поддршка во набавка на техничка поддршка и опрема за отпочнување или усовршување на земјоделските активности, друго е важно да имаат загарантиран пласман и исплатливи цени на земјоделските производи. Со овој тренд и ваков интерес за земјоделието генерално ни престои иднина во која ќе станеме увозно ориентирана држава на земјоделски производи и со доста повисоки цени на храната“, кажа тој.
Георгиев рече дека најверојатно ќе следат реформи на начинот на земјоделското производство и напуштање на традиционалниот начин на храна, но тоа дополнително ќе ги зголеми трошоците за храна во иднина.
„Генерално за младите занимавање со било каква земјоделска активност се смета за понижување иако не е толку слаба платена работа но сепак “урбаниот” посакуван живот на младите не вклучува земјоделство. За младите многу “подобра” иднина и престиж е да се замине во странство и да се работи на пример во Мекдоналдс или да се вработат во фирми за хигиенски услуги таму во некоја странска држава отколку да се остане тука и да се работи земјоделие“, дециден е Георгиев.
Тој објаснува дека во иднина неминовен е фактот дека во Македонија ќе мора да се створат услови за увоз на работна сила и увоз на работници кои ќе работат во земјоделските дејности и производството на храна.
Контатиравме и неколку млади луѓе, кои живеат од земјоделството. Ниту еден не сакаше јавно да зборува за тоа од што им е основна дејност.
Претседателот на Националната земјоделска мрежа Каракашев додава и дека во општество со искривени морални вредности, земјоделците се сметаат за маргинални и неуспешни и се доведени во една нерамноправна ситуација.
„Затоа и младите бегаат од земјоделството, зошто преку таа професија луѓето ги препознаваат како група која не успеала во својот живот. Загрижува и фактот што од шест милијарди евра буџет, ние даваме дури една милијарда за храна. Ние се претворивме во увозно зависна земја. Перспективите се многу лоши бидејќи земјоделието не е дејност која преку ноќ можеме да ја стартуваме. Потребни се многу предуслови, како човечки, така и материјални и ќе биде потребен подолг период за да се санира ситуацијата“, дециден е Каракашев.
Недостаток на работна сила и неатрактивност на руралните средини
Руралните области стануваат сè помалку привлечни во споредба со урбаните средини, особено за младата и работоспособна популација, што доведува до зголемена миграција. Ова дополнително го влошува проблемот со недостаток на работна сила во земјоделството, особено во однос на подмладокот.
Земјоделскиот сектор со години е изложен на сериозни предизвици, како што се климатските промени, зачестените заболувања кај растенијата и животните, како и проблемот со недостиг на земјоделци. Поради тоа, неопходни се различни мерки за да се обезбеди соодветен број луѓе кои ќе работат во оваа област.
„Нашата цел е преку различни иницијативи и програми да поттикнеме поголем интерес за земјоделството, особено кај младите. Фокусот е ставен на зголемување на конкурентноста, одржливоста на приходите на земјоделските стопанства и прилагодување кон климатските промени, како и на долгорочниот развој на руралните заедници“, велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Тие велат дека мерките на поддршка во форма на директни плаќања имаат позитивно влијание на дополнување и зголемување на приходите на земјоделските производители.
„Поддршката игра клучна улога во одржливоста на дејноста за најголем дел на македонските земјоделски стопанства, односно придонесува во зголемување на развојниот и инвестиционен потенцијал кај оние со поголеми производни капацитети и подобро управување со бизнисите. Преку надополнување на приходите на земјоделците и одржување на земјоделското производство директните плаќања влијаат и на обезбедувањето на социјална стабилност на руралното население, особено она кое живее во подрачја со природни ограничености“, појаснуваат тие.
Образовниот систем во земјоделството го сочинуваат средните земјоделски училишта и високо-образовните институции. Високото образование од областа на земјоделските науки, шумарството, дрвната индустрија, ветеринарната медицина и прехранбените технологии се многу значајни преку своите студиски програми да ги мотивираат младите да се занимаваат со гранки кои порано беа многу почитувани и барани, велат од ресорното министерство.
Покрај тоа, се прават мерки и програми за да се мотивираат земјоделците да се занимаваат со земјоделство.Во однос на вклучувањето на жените во земјоделството, тие велат дека истите се клучни за македонското земјоделство.
„Имаме поддршка за жените кои се регистрирани земјоделки. Тие се од големо значење за одржување на малите земјоделски бизниси и за намалување на родовата нееднаквост што постои во земјоделството. Според Регистарот во Министерството, активни рурални жени има 29.971. Од нив 3.918 се жени до 40 годишна возраст. Во нашите програми имаме финансиска поддршка за активен женски член во земјоделско домаќинство, во програмата за финансиска поддршка на руралниот развој по другите мерки жената добива повеќе бодови при рангирање за користење на финансиска поддршка т.е. жената има предност при аплицирање за мерките“, рекоа тие.
![](https://mms.mk/wp-content/uploads/2023/02/majka-bebe-zemjodelstvo-860x573-1.webp)
За тоа колку проекти за градинки и домови за возрасни лица се планирани во руралните средини, од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство тврдат дека инфраструктурата се уредува преку мерките за рурална инфраструктура.
Кога се објавува оваа мерка, самите општини си аплицираат со проекти со кои што сметаат дека се приоритетни за нивната општина. Министерството истите ги одобрува и подоцна ги спроведува.
„Условите за живот и работа во руралните средини се клучни за задржување на руралното население во земјоделските региони и во таа насока ќе продолжат инвестициите во комуналната инфраструктура и уредувањето на населените места. Ќе ги забрзаме заглавените постапки кои треба да овозможат повеќе средства за овој тип на инвестиции кои се на располагање преку ИПАРД подолг период, но не се користат заради неакредитирање на мерката“, појаснуваат од Министерството.
Од таму велат и дека се сведоци дека подолг временски период за земјоделството не се посветувало доволно внимание и е доведено на ова ниво во кое сме сега и заложбите се да се поправат штетите и да се работи во насока на остварување на резултати кои ќе бидат ефективни на подолг рок.
Кристијан Трајчов
Со овој текст, ММС.мк се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.