Владата останува на ставот синдикатите и работодавачите да се договорат околу минималната плата за која, според најавите, ќе се разговара во понеделник на седницата на Економско-социјалниот совет.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска го потвори ставот на премиерот Христијан Мицкоски дека како Влада ќе го следат процесот и дека ќе го прифатат она што ќе го договорат синдикати и работодавачите.
– Минималната плата ќе ја разговараат синдикатите и работодавачите. Ние ќе го следиме процесот и што ќе се договорат меѓу себе, ние ќе го прифатиме затоа што во изминатиот период, врз база на направените анализи, констатиравме дека минималната плата, како компонентна која влијае на платите во државните институции, опфаќа многу мал број на државни службеници, околу 14.000 службеници, а сите останати не се поврзани со компонентната минимална плата, изјави денеска Димитриеска-Кочоска.
За предлогот на Стопанската комора на северозападна Македонија да се зголеми минималната плата, а за сметка на тоа да се намалат придонесите, министерката смета дека придонесите во државава се едни од најниските и дека во тој дел не треба ништо да се менува.
– Та што е обврска на државата, ќе треба да си платат. Во многу наврати има различни предлози, но сметаме дека давачките не се највисоки, напротив имаме придонеси кои се многу пониски од придонесите во соседството така што не сметам дека треба да менуваме нешто во тој дел, рече Димитриеска-Кочоска.
Согласно законот, во март треба да се направи усогласување на минималната плата која според досегашните пресметки треба да се зголеми за 1.800 денари.
Во однос на средбата меѓу Синдикатот на УПОЗ кој бара исплата на 30 проценти на додатоците на плата за вработените во јавната администрација за што во изминатиот период одржа преупредувачки протест, министерката вели дека треба да се види што ќе договорат ресорното Министерство и синдикатот, а доколку договорат нешто поразлично од она што е предвидено во Буџетот за 2025 година, тогаш ќе треба да се направи ребаланс на буџетот.