Како во сите сфери во општеството кај нас, така и во правосудството, се провлекуваат стереотипите кон улогите на жените и мажите. Иако жените се подеднакво застапени во правосудниот систем како бројка, тие се соочуваат со предизвици кога треба да се унапредат на раководни позиции.
Токму овде родовите стереотипи играат значајна улога, а особено се одразуваат и на помладите жени кои сакаат да напредуваат во правосудната професија. Стереотипите и предрасудите ја оспоруваат и ја ставаат под прашалник компетентноста и способноста на жените да вршат функции на повисоки судски позиции.
На оваа тема ММС разговараше со Татјана Стоименовска, програмска менаџерка во Центар за правни истражувања и анализи. Во декември, оваа организација ја објави својата Анализа која се однесува на родовите стереотипи, состојбите со родовата еднаквост, условите за влез, како и професионален напредок на жените во правосудството.
„Стереотипите и предрасудите ја оспоруваат и ја ставаат под прашалник компетентноста и способноста на жените да вршат функции на повисоки судски позиции. Тие негативно се манифестираат за тоа како се прецепираат жените и нивните способности, па неретко ќе слушнеме дека жените се „поемотивни“ и слично за вршење на одредени позиции. Високите позиции, при исти квалификации, честопати повеќе им се доделуваат на мажите, а во одредени случаи, сведоци сме дека и жените самите се обесхрабрени да аплицираат“, вели Стоименовска.
За илустрација, од вкупно 383 судии, 238 или 62% се жени судии, додека 38% или 145 се мажи. Кога станува збор за повисока позиција во структурата, од вкупно 34 претседатели на судови, 15 се жени , а останатите мажи.
Тоа значи дека процентот на застапеност жените се намалува како се напредува погоре во структурите. Во Анализата се забележува и дека има недоволна застапеност на жените од немнозинското етнички заедници, па така на пример нема ниедна судијка Ромка, или пак има само две жени Албанки претседателки на судови.
„Мажите судии и јавни обвинители понекогаш не им овозможуваат на жените простор за учество, а позициите на моќ се восприемаат како „машка сфера“. Понатаму, анализата покажа дека жените во правосудство се изложени на сексуално вознемирување, коментари за физичкиот изглед, коментари за нивниот приватен живот и брачна состојба, повеќе од своите машки колеги. Ваквите коментари, навидум наивни, создаваат непријатно чувство за оној /онаа на кого се насочени и влијаат на охрабрување и кариерниот развој на жените. Сето ова ја прави правосудната професија вертикално понепроодна за жените, односно раководните позиции им се помалку недостапни, не заради недостаток на нивните квалификации, искуство и знаење, туку поради горенаведените фактори и штетни стереотипи кои ја поткопуваат нивата позиција“, додава таа.
Анализата покажа дека вербалното насилство и заканите, некогаш и по живот , за жал се присутни во правосудната професија. Речиси две петтини од испитаниците/чките изјавиле дека во текот на својата работна кариера доживеале некаква форма на насилство поврзано со работата. Интересно е дека процентот на мажите и жените кои искусиле некаква форма на насилство е подеднаков.
Најчести форми на доживеано насилство се: вербалните напади во најголема мера, со над 70% ; потоа објавувањето и ширењето изменети или лажни информации преку интернет или технолошки алатки; па заканите по живот и/или семејство, каде процентот не е занемарувачки и е малку над една третина од 33 испитанци/чки. Помал процент (4%) искусиле физички напади и сексуално вознемирување. Значајно е да се каже дека постои нормализација на насилството, односно тоа се прифаќа како дел од професијата.
„Судиите поротници/чки се најизложени и се соочуваат со најголеми несигурности во споредба со судиите и обвинителите/ките. Пред се бидејќи немаат сопствени канцеларии, додека чекаат влез во судницата тие чекаат заедно со обвинетите, па заканите честопати се упатени директно кон нив и во овие случаи. Дополнително тие немаат никакво обележје на нивната позиција / функција (како судска тога и сл.) па тоа дополнително ги прави ранливи“, објаснува Стоименовска.
Во однос на можни решенија за тоа како тие лица да имаат поголема безбедност, таа вели дека е детектирано дека во правосудството има отсуство на механизам на заштита од насилство и вознемирување.
„Како прво понудено, системско решение е воспоставување механизам за пријавување на сексуално вознемирување и родово-заснована дискриминација во правосудните институции. Ова системски ќе се воспостави и зајакне преку донесување и Протокол за пријавување и заштита на судии, јавни обвинители и судии поротници во случаи на закани, вклучително и поддршка за жртвите, кои се соочуваат со родово-базирани закани.
Секако, ова не треба да остане на хартија, како некој усвоен документ, но за да профункционира системот треба пред се да се сензибилизираат (обучуваат) вработените во правосудство на сите нивоа, како да препознаат насилство, кои форми на насилство постојат и каде постои можност да се пријави. Насилството како такво е комплексен феномен и треба и оние кои се сведоци и оние кои го искусиле да не останат неми и да го пријават“, децидна е таа.
Според неа, треба да се воведат и мерки за спречување насилство на работното место и во судница, а во оваа битка, таа ги смета и медиумите како клучна алатка за зголемување на свеста за насилството и сојузници во борбата против истото.
Во Македонија само 40% од жените се активно вклучени во пазарот на труд, односно заработуваат сопствени приходи. Само 17% од имотот се води на име на жени, додека остатокот на мажи.
„Во нашата земја се уште постои пракса, посебно во руралните средини, имотот да им се препишува на машките деца. Немањето економска независност води и кон повеќе изложеност на насилство и сметање на едниот пол за „појак“ и „подоминантен“. И ако жените во правосудство се во голема мера економски независни, сепак нееднаквите општествени позиции на моќ – каде мажот се смета себеси за „помоќен“ или во ваши зборови појак, а жената „послаба“, доаѓа и заканата, уцената, насилството. Кога ќе постои воспоставен механизам за справување со насилството во правосудство и протоколи, во исто време мора да работиме на менување и јакнење на општествената свест“, рече Стоименовска.
Според Анализата, прераспределбата во правосудниот систем не се заснова на однапред дефинирани критериуми, односно судиите се прераспределуваат според потребите во еден регион / апелационо подрачје. Па така, кога се прави прераспределбата и се носат одлуките за прераспределба, не се зема во предвид семејниот и фамилијарен статус на судиите.
„Затоа анализата мајчинството и бременоста ги идентификуваше како предизвик во кариерниот развој на судијките и обвинителките и е област на која треба да се работи, за да не се соочуваат со родово базирана дискриминација и пречки во кариерниот развој. Системот генерално е неприспособен за поддршка на жените во бременоста и периодот по породилното отсуство од една страна, а од друга страна родовите стереотипи влијаат да нема охрабрување за напредување во правосудната хиерархија“, потенцира таа.
Покрај ова, проблем постои и во делот на правата на лицата со попреченост во смисла на пристапност до институциите.
„Анализата како таква, не ја истражуваше посебно областа за пристапност на правосудните институции. Сепак наодите, од собраната статистика и квалитативното истражување покажаа дека лицата со попреченост речиси и да не се застапени во правосудниот систем. Ова се должи на фактот што постои отежната пристапност за овие категории лица до правосудните институции. Би требало да се направи поголема длабинска анализа, за оваа категорија граѓани, која ќе детектира со какви се бариери се соочуваат на пример како физичка и друга попреченост, пристап до информации и слично и како овие бариери да се отстранат за да креираме инклузивен правосуден систем за сите граѓани, а со тоа и да го подобриме пристапот до правда“, кажа Стоименовска.
Кристијан Трајчов