Од вчера, под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, на подрачјето на Градот Скопје се спроведува координирана акција во соработка со МВР. Одделот за специјални полициски операции изврши претреси на 20 локации во Скопје и на една локација во Гевгелија. При претресите пронајдени и одземени се бројни предмети поврзани со нелегална продажба на дрога и наркотични супстанци.
-Од слобода се лишени 10 лица за кои постои основано сомневање дека се членови на криминална група која подолг временски период извршува кривични дела од областа на недозволена трговија со дрога и наркотични средства. Осомничените – членови на криминалната група, дистрибуирале и организирале улична продажба на наркотични супстанци директно до корисниците. Постапувајќи по кривичната пријава, поднесена од МВР, надлежниот обвинител издаде наредба за спроведување на истражна постапка против 14 лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, информираат од ОЈО и додаваат:
-Ценејќи ги околностите, поврзаноста на осомничените, како и кривичните дела што им се ставаат на товар, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје достави Предлог за определување на мерка притвор за 10 лица, еден од осомничените е веќе во притвор, а останатите тројца не се достапни на органите на прогонот. Со оглед на тоа дека активностите во врска со оваа акција сѐ уште траат, јавноста навремено ќе биде информирана во текот на наредните денови, се вели во соопштението од ОЈО.
Од МВР, пак, информираа:
-На 18 и 19.01.2025 Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со Одделот за специјални полициски операции, под раководство на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по повеќемесечно криминалистичко истражување, спроведе координирана полициска акција, во која е сузбиена 14-члена организирана криминална група составена од лица од Скопје. Криминалната група подолг период вршела кривични дела од областа на недозволена трговија со дрога. Основаните сомневања се дека организаторот на криминалната група преку нејзините припадници вршел дистрибуција и улична продажба на наркотична дрога директно до корисниците, информираат од МВР и додаваат:
-При реализацијата, постапувајќи по наредби за претреси во дом и други простории издадени од судија на претходна постапка, извршени се претреси кај 16 лица, на вкупно 21 локациja на подрачје на Скопје и Гевгелија. При претресите пронајдени и одземени се поголем број предмети за кои ќе биде извршено форензичко вештачење. Меѓу пронајдените и одземени предмети се и повеќе поголеми и помали пакувања со прашкаста материја. Во текот на денешниот ден ќе биде поднесена кривична пријава против 14 лица до надлежното Јавно обвинителство, а истите ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка. Имајќи предвид дека оперативно тактичките активности се уште траат во координација со надлежниот јавен обвинител, јавноста дополнително ќе биде известена со повеќе информации, информираат од МВР.