Сè повеќе во државава се зборува за предлогот на Стопанската комора на северозападна Македонија за намалување на придонесите од плата за сметка на качување на минималната плата на 31 илјада денари.
Отпорот првенствено е кај фондовите за пензиско и здравствено осигурување, кои и вака имаат проблеми со финансирањето, но според Кристина Ампева од Гласен Текстилец, граѓаните не добиваат ниту минимум соодветни услуги и права за парите што цел свој работен век ги издвојуваат.
-Ја поддржувам таа идеја. Фондовите ни се предмет на злоупотреби и кражби без никаква одговорност низ годините, немаме услуги соодветни, ниту термини за да се лечиме во државното здравство за работи кои со здравственото осигурување не следуваат како право, така да не гледам зошто би издвојувале толку за да ги полниме тие фондови. Кај нас се едни од највисоките давачки по процент од плата, а во замена за тоа не добиваме никаков квалитет на услуги, изјави денеска Ампева за Канал 77.
Ампева смета дека ваквата постапка нема да ја качи минималната плата со директна интервенција со политичка одлука, како досега, туку реално, бидејќи едноставно парите од бруто платата од една, само ќе се префрлат кон друга страна.
-Ако се намалат придонесите, ќе се качат платите – реално, а не вештачки или со политичка одлука. Тоа е реално покачување на минималец, а не жалби и желби. Друго, имаме работодавачи кои сега додаваат пари во плик. Исплаќаат минималец, а плус додаваат пари на рака, баш поради тоа што државата ги „јаде“ парите, затоа што, нели, колку е поголема платата, толку се поголеми придонесите. Така ќе ја средиме и сивата економија и ова пред нова година, пред да излезе предлогот, го зборев со експерти од таа област, додава Ампева.
Според Гласен Текстилец, во моментов ниту работниците, ниту работодавачите не се среќни со трошоците кои ги плаќаат кон државата.
-Ниту работодавачите, ниту работниците сакаат толку пари да се издвојуваат, за да на крајот немаат никаква корист, не само за здравство и пензиско, туку ниту од јавна администрација, ниту образование, ниту било каква услуга која ја плаќаме преку давачките и даноците, додава Ампева.
Решението е повеќедимензионално:
-Значи, имаме повеќе димензии: реално покачен минималец, намалување на праксата да се исплаќаат пари на рака, ама и поголема свест кај Владата и фондовите за тоа каква услуга добиваме за она што секој месец го издвојуваме, подвлекува Ампева.
Инаку, во моментов од платата за задолжително пензиско и инвалидско осигурување се издвојуваат 18,8%, за задолжително здравствено осигурување 7,5%, за дополнителен придонес за здравствено осигурување за случај на повреда на работа и професионално заболување 0,5% и за задолжителен придонес за осигурување во случај на невработеност 1,2%.
Во поглед на минималецот, пак, зад Македонија со 366 евра, се само Косово со 326 евра и Албанија со 362 евра.
Во Бугарија минималецот изнесува 427 евра, во Србија 458 евра, 459 во БиХ, 600 евра во Црна Гора, 753 евра во Хрватска, 834 евра во Грција, а Словенија со највисок стандард и највисок минималец од 902 евра.
Мартин Каровски