Во штипските училишта е намален вкупниот број на испишани деца заради заминување во странство во првото полугодие од учебната 2024-2025 во споредба со првото полугодие од минатата 2023-2024 година, известуваат од Општина Штип.
Поделени по основни и средни, повеќе отпишани има од петте основни училишта, вкупно 30 деца, но негативната разлика е поголема во средните, бидејќи во основните има и 21 новозапишан ученик, со што вкупниот број на намалени ученици е 9, вели раководителката на Секторот за Локален економски развој и образование, Снежана Санева.
- Тоа значи дека немаме големо намалување на ученици во основните училишта, а што се однесува до тоа каде заминуваат учениците, за 12 имаме податок дека се заминати надвор од државата, со своите семејства, вели Санева.
Анализите на Секторот за ЛЕР и образование покажуваат дека во три средни училишта има испишување, но и запишување на нови ученици.
- Во Гимназијата „Славчо Стојменски“ немаме испишување на ученици, во Средното општинско училиште (СОУ) „Коле Нехтенин“ 20 ученици се испишани, меѓутоа се запишани пак девет нови ученици, во СОУ „Димитар Мирасчиев“ тројца се испишани, од кои двајца се заминати во странство, еден е во друго училиште и во СОУ „Јане Сандански“ се испишани тројца ученици, а се запишани десет нови ученици, изјави Санева.
Прашана дали годинава имаме поголем број на заминати ученици со нивните семејства во странство во споредба со претходните години, Санева одговори дека во првото полугодие на учебната 2024-2025 година се забележува намалување на бројот на ученици кои заминуваат во странство.
- Минатата година имаше повеќе деца кои заминаа во странство, а пак пред неколку години имавме поголем број. Но, мислам дека бројот на деца коишто заминуваат во странство се намалува, подвлекува Санева.