Пратеникот од СДСМ и поранешен министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, пред расправата за интерпелацијата на владини министри во Собранитето, наведе неколку други причини за интерпелациите, кои од непознати мотиви за него, не се споменати од подносителите.
Како што рече Спасовски, не се споменува загадениот воздух и непреземањето мерки за причина да се повика на одговорност министерот Изет Меџити. Според пратеникот, не се опфатени скандалите, како тој на косовската граница со бегството на Рамадани и Груби.
-Постојат многу други основани причини за интерпелација, особено за Тошковски, но и многу други министри во Владата на ВМРО. Партиската чистка посебно во безбедносниот сектор – отпуштање на професионалци, партиска распределба и незаконски разрешувања. Зошто е амнестиран бодигардот на Мицкоски, кој нападна полициски инспектор, а сега е ослободен од одговорност и веќе унапреден. Исто така, не се опфатени во интерпелацијата многу настани од безбедносен аспект во Скопје, Прилеп, Штип…Не се прашува зошто е запалено возилото на началникот… Зошто е запалена викендичката на заменикот началник?, изјави Спасовски.
На крајот на минатата година беа запалени две возила на поранешниот началник на СВР Штип и викендичката на неговиот заменик.
Оливер Спасовски кажа дека во изминат шест месеци јавниот простор е затруен со етнички теми и наративи и дека тоа се прави со намера.
Попладнето на седницата на Собранието, каде на дневен ред се интерпелациите на Изет Меџити, Иван Стоиљковиќ, Панче Тошковски, Астрит Исени и Илире Даути, пратеничката група на СДСМ си замина од расправата.