Сообраќајот на државните патишта утрово се одвива во зимски услови, по претежно суви коловози.
ЈП Македонијапат соопшти дека поради магла видливоста е намалена кај Неготино, до 70 метри, и Демир Капија до 80 метри, како и на патот Катланово –Велес, 90 метри.
Автомотосојузот на Македонија информира дека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони.
-Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево., соопшти АМСМ.
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и со слаб до умерен ветер од јужен правец. По одделни котлини претпладне ќе има појава на магла. Попладне во западните делови ќе има врнежи од дожд во пониските места и снег на планините. Во текот на ноќта кон сабота врнежите ќе се прошират во поголем дел од земјата и наместа ќе бидат пообилни (20 л/м2).
Од УХМР информираа дека поради спуштање на постудена воздушна маса со засилен северен ветер, врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и на некои од пониските места. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 0, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со појава на магла. Во вечерните часови ќе има повремени врнежи од дожд, а во текот на ноќта во повисоките делови од котлината врнежите ќе преминат во снег. Ќе дува слаб јужен, а во текот на ноќта повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Во сабота претпладне времето ќе биде променливо облачно со локални врнежи од дожд и снег во пониските, а во повисоките места и на планините и од снег. Ќе дува умерен, долж Повардарието засилен северен ветер. На планините снежната покривка ќе се зголеми, а помала снежна покривка ќе се формира и на некои од повисоките места. Попладне облачноста ќе се намали. Потоа во следните денови времето ќе биде стабилно со појава на магла по котлините.