Градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами соопшти дека од 50 милиони општински буџет, пари ќе има и за Академската асоцијација за наука и уметност на Албанците. Општината ќе одвои 40.000 евра, а од новите буџети ќе има пари за новата Академија и од општините Гостивар, Чаир и Желино.
– Врз основа на прелиминарен договор меѓу академијата и четирите општини кои ја презедоа одговорноста за финансирањето, се договоривме општина Тетово да го поддржи со околу 40.000 евра, рече Касами, кој е еден од лидерите на владеачката ВЛЕН.
Коалиционерите во Владата – ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, изразија несогласување со формирањето на засебна Албанска академија, со образложение дека во секоја земја има по една национална академија. Во Македонија, тоа е МАНУ, која ја претставува државата во европските и другите меѓународни асоцијации на академии.
Меѓутоа, иницијаторите на Академската асоцијација за наука и уметност на Албанците, сметаат дека создавањето албанска академија е поради „инертноста на МАНУ за реформи кои треба да ја отсликаат актуелната состојба, а кои не се случиле 57 години“.
– Овој исклучиво научен проект на ВЛЕН нема за цел да предизвика етнички тензии или паралелизам во државната образовна номенклатура, туку да изгради уште една научна институција, која ќе ја обедини автентичната албанска мисла во заеднички и рамномерен општествен развој, соопштија од здружението по последната средба.