19-годишно момче од беровското село Будинарци ноќеска било уапсено, откако од полициска патрола било фатено како превезува мигранти.
„На 24.12.2024 во 00.50 часот во близина на локален пат Гевгелија – село Богородица, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Богородица го лишиле од слобода Д.Г. (19) од село Будинарци, Беровско. Претходно, во близина на Граничен премин ‘Богородица’, полициски службеници забележале дека во возилото ‘алфа ромео’ со кочански регистарски ознаки, кое го управувал, влегуваат повеќе лица мигранти. Д.Г. го запрел возилото и се обидел да побегне, но набргу бил пронајден и лишен од слобода“
Во возилото биле затекнати 10 мигранти, од кои осуммина од Турција и двајца од Ирак.
Мигрантите се пренесени во транспортно-прифатниот центар во Гевгелија, а 19-годишникот заработи кривична пријава.