Францускиот претседател Емануел Макрон го назначи Франсоа Бајрo за нов премиер на Франција.
Бајро утрово разговарал со претседателот Макрон, а како што пренесуваат француските медиуми, разговорот траел час и 45 минути. Иако „Ле Монд“ објави дека на Бајро во таа прилика му било кажано дека нема да биде именуван за премиер, од Елисејската палата набрзо стигна соопштение дека поранешниот министер за правда ќе стане прв човек на француската влада.
За потсетување, ова е четврти премиер откако Емануел Макрон беше реизбран за претседател во април 2022 година.
Макрон минатата недела вети дека ќе остане на функцијата до крајот на неговиот мандат, кој трае до 2027 година, потег што уследи по историското гласање за недоверба на владата предизвикано од буџетските спорови во Националното собрание.
Од минатата недела, Макрон разговара со политичари од левицата и десницата, вклучително и лидерите на социјалистите кои се појавија како клучни во напорите за формирање постабилна влада.
Владата на Барние доби задача да се занимава со тековните работи до именување на нов премиер. Пред објавувањето на името на новиот премиер, актуелниот шеф на француската влада Мишел Барние им се заблагодари на министрите.
„Драги пријатели, до секој од вас, со оваа лична порака сакам да ја изразам мојата благодарност и пријателство во овој посебен момент кога нашиот „француски тим“ ќе ја предаде палката. Тоа е прекрасна страница која почнавме да ја пишуваме заедно Во нашата заедничка работа би сакале да продолжиме, но политичките околности одлучија поинаку. Ви посакувам пријатно патување и ви ги испраќам моите најдобри желби за вашите проекти и дела, напиша тој.
Фото: Raphael Lafargue/Abaca/Sipa via AP