Аплауз кој не престануваше и на почетокот и на крајот на златната гала премиера на „Пред дождот“ за 30 години од филмот, која се одржа вчера вечерта во Филхармонија.
На премиерата присуствуваа поголемиот дел од екипата на чело со режисерот Милчо Манчевски, актерите Раде Шербеџија“, кој по поклонувањето рече: „Ова е Македонија“ и уште еднаш доби громогласен алпауз.
Се започна со моменти од прогласувањето на филмот за најдобар на Филмскиот фестивал во Венеција и добивањето на Златниот лав во далечната 1994 година.
Тажен момент беше сеќавањето на дел од актерите и членови на екипата, кои повеќе не се меѓу нас.
По победата во Венеција, освои уште 30-ина фестивалски награди низ светот, доби киноприкажување во 60-ина земји.
Меѓу многубројните гости од дипломатскиот кори и од јавниот и политичкиот живот беше и претседателката Гордана Силјановска Давкоја, која подоцна на Фејсбук напиша:
-„Пред дождот“ триумфално ја прослави својата Златна гала премиера. Започна со долг и бурен аплауз, се одвиваше пред задумани и расплакани гледачи, заврши со френетични овации и прегласно „браво“ за Манчевски и фантастичниот тим од кој, за жал, многумина заминаа во вечноста, оставајќи неизбришлива уметничка трага зад себе. Звучи неверојатно, но, дури и по три децении, го гледав филмот со уште поголем интерес од првиот пат. Видов нови бои и слики, ликови и сцени, открив нови заплети, односи и пораки, почувстував поинаква радост и страв, грижа и вознемиреност. Ме фрапира актуелноста на приказната според која кругот на насилството никогаш не е затворен, туку постојано демне каде и да сте, небаре ве прогонува. И при раѓањето на филмот и сега сведоци сме на закани, немири и војни, иако кој знае колку пати сме се заколнале „никогаш повеќе“, а сме посегнале или дозволиле крвави конфликти и бесмислени жртви, напиша таа и додаде:
– Уникатноста на филмот „Пред дождот“ е во тоа што триесет години потоа, не само што уште ве мачат мислите и емоциите разбудени со првото гледање, туку и намножени и продлабочени со степен на болка. Уште еднаш сфатив дека двапати гледав безвременски, вечен филм, во кој сценаристот и режисерот си игра со времето, а не времето со него, па човек не знае дали е минато или сегашност, реалност или имагинација, вистина или фикција, конструкција или деструкција, емоција, разум или безумие. Едно е неспорно за мене: „Пред дождот“ е ремек- дело, аскетски и спартански устроено, класика со моќна визија и симболика, совршени слики што се нижат и движат во ритмот на потресната музика што ви ги буди и раздвижува чувствата со вулканска сила. И по триесет години, „Пред дождот“ останал перфектно уметничко благо, блескав бисер што осветлува мрачни времиња и настани,предизвикува и урива предрасуди, преупредува, осудува, охрабрува, возбудува, убива со убавината на сликата, зборот, мислата, репликата, хуморот, луцидноста, реле претседателката.