Маж од Демир Капија доби условна затворска казна од една година, откако лани во јули на Фејсбук напишал два коментари со вознемирувачки говор на омраза кон ЛГБТИ+ заедницата. Коментирајќи на оваа социјална мрежа тој повикал на насилство кон маргинализираната група, за што Основниот суд во Неготино по обвинителен предлог на Обвинителството во Кавадарци донесе пресуда.
Според неготинскиот суд, тој сторил кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. Пресудата која беше донесена во март годинава е прв пример во домашната судска пракса за санкционирање на говор на омраза врз основа на сексуална ориентација.
Јавноста за првата осудителна пресуда од овој тип, дозна преку соопштение од скопскиот Квир Центар од каде ја поздравија одлуката, но потсетија дека говорот на омраза според македонската легислатива е кривично дело од пред десет години.
Од тогаш, говорот на омраза добива на интензитет со сѐ поголемиот замав на дигитализацијата.
„Говорот на омраза, негативната комуникација, нетолеранцијата, нетрпеливоста исто така, секако дека и порано биле дел од општествената комуникација и политичката култура, но со развојот на комуникациските технологии тоа се забрза од проста причина што овие технологии се лесно достапни. Тие овозможуваат лесно поврзување со други корисници и анонимност, а она што е најважно е дека никакви директни последици или консеквенци од практикувањето на говор на омраза и реализација на некаков вид на нетолеранција“, смета проф. д-р Сеад Џигал, комуниколог.
Новите медиуми станаа „плодна почва“ за ваквиот говор кој може да резултира и со физичко насилство – велат познавачите кои ги контактираше ММС.
Сепак, тие се согласни дека институциите недоволно ги препознаваат ваквите случаи. Нивното ретко процесуирање пак, е ништо повеќе од ветер во грб за оние кои го шират говорот на омраза.
Десетици пријави, но ниту една разрешница – искуство на Хелсиншкиот комитет за човекови права
Па така, само Хелсиншкиот комитет за човекови права до органите на прогонот поднел десетици пријави за говор на омраза во интернет просторот. Од нив за ниту една не е поднесено обвинение, а следствено на тоа, нема ниту една судска разрешница.
За еден од случаите, Комитетот решил правдата да ја бара пред Европскиот суд за човекови права во Стразбург.
„Станува збор за говор на омраза поради сексуална ориентација и родов идентитет сторен од страна на лидер на политичка партија. Пријавено беше до ОЈО Скопје и пријавата беше отфрлена и потврдена од Вишото обвинителство. Во законски рок беше поднесена апликација до Стразбург а до овој момент немаме одлука од ЕСЧП“, објаснува за ММС, Славица Анастасовска, проектна координаторка во Хелсиншкиот комитет.
Ова граѓанско здружение промовираше и Платформа за мапирање на говорот на омраза во 2014-та година, кога Собранието по итна постапка го измени Кривичниот законик, со што говорот на омраза стана кривично дело.
Пријавите кои стигнуваат до Хелсиншкиот комитет преку оваа Платформа покажуваат дека најзастапен е говорот на омраза на национална основа, етничка припадност, политичка припадност и сексуална ориентација и родов идентитет.
„На нашата платформа на врвот на листата се наоѓа говорот на омраза по етничка припадност, и тоа во најголем дел помеѓу двете најголеми етнички заедници во државата – македонската и албанската. Забележани се и предрасуди и стереотипи кон Ромската етничка заедница. Втора категорија е секако ЛГБТИ заедницата или говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентит. Овој говор се зголемува пропорционално со зголемување на видливоста на оваа заедница на пример во месецот на гордоста јуни“, вели Анастасовска.
Од почетокот на оваа година па сѐ до 30 септември, регистрирани се вкупно 1057 случаи на платформата со елементи на говор на омраза и вознемирувачки говор.
„Во најголем број овие случаи се регистрирани на социјалните медиуми“, додава нашата соговорничка.
Дека говорот на омраза расте кога станува збор за онлајн просторот, нотира и Републичкото јавно обвинителство.
-Во однос на најчестите основи за говор на омраза или криминал сторен од омраза, како и во однос на припадноста кон одредени групи на поединците кои најчесто се жртви на овие кривични дела, јавните обвинителства постапуваат по пријави за најразлични основи и кон речиси сите маргинализирани групи. Сепак, кога станува збор за онлајн просторот, евидентен е раст на говор на омраза или загрозувања и закани кон жени, кон припадници на ЛГБТ популацијата и според национална основа – велат од Обвинителството.
Нашата редакција ја праша оваа институција, колку обвиненија се поднесени во последните десет години за двата члена од кривичниот законик кои се однесуваат на говорот на омраза (член 319 и 394), но службата за односи со јавноста кусо ни посочи дека наведените кривични дела не се издвојуваат во посебна статистика на јавните обвинителства.
А токму за олеснето тековно следење на предметите поврзани со кривични дела сторени од омраза и дискриминација, Основното јавно обвинителство Скопје прво назначи јавен обвинител кој е задолжен да го следи постапувањето по ваквите предмети.
Го прашавме Обвинителството каква е соработката со невладиниот сектор на обвинителката Емилија Мизо Димков, која беше назначена да ги следи ваквите предмети, на што ни одговорија дека таа е своевидна контакт-точка со пријавителите кои ги претставуваат интересите на лицата кои се јавуваат во својство на оштетени.
„Од нејзиното назначување, обвинителката Мизо е постојано достапна за сите вакви барања, а во однос на постапувањето на скопското обвинителство во овој период е евидентирана и една пресуда врз основа на признание на вина против 30-годишен скопјанец, кој соочен со доказите прибрани од обвинителството призна вина за кривично дело – Насилство во квалификаторен облик сторено од омраза“, истакнуваат од службата за односи со јавност при Јавното обвинителството.
Нула пријави во првите три години од вметнувањето на говорот на омраза во Кривичниот законик
Во меѓувреме, статистиката на Министерството за внатрешни работи покажува дека на македонските граѓани им биле потребни дури три години за да почнат да го пријавуваат ширењето на говорот на омраза онлајн. Во периодот од 2014 до 2017 година, полицијата не добила ниту една пријава за кривичното дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем”.
Од 2018-та година па досега, бројките варираат, а највеќе регистрирани кривични дела по овој основ, но и кривично пријавени сторители имало во 2022 година.
Пријавите за говор на омраза онлајн кои стигнуваат до МВР, најчесто се однесуваат на припадност на одредена група според родова определба.
-Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерство за внатрешни работи, постапува по пријави во врска со чл. 394-г од КЗ на РСМ „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем”, односно прима пријави од граѓани, кои најчесто се доставени по писмен или електронски пат, на официјалната електронска адреса на Секторот. Потоа, секоја пријава се разгледува поединечно и доколку ги содржи елементите на споменатото кривично дело, се доставува со Известување до ОЈО Скопје и понатаму се постапува во координација со истите – наведуваат од секторот за односи со јавноста при МВР, во одговорот доставен до ММС.
Говорот на омраза – предуслов за криминал од омраза, предупредуваат од канцеларијата на Народниот правобранител
Иако во минорен број, граѓаните ги пријавуваат случаите на говор на омраза и кај Народниот правобранител.
Од оваа институција потенцираат дека претставките од ваков тип ги препраќаат до Советот за етика во медиумите, но само ако се работи за портали во кои е изречен говор на омраза кон одредена маргинализирана група. Кога говорот на омраза се шири на социјалните мрежи пак, Народниот правобранител не постапува бидејќи како што велат оттаму, тоа се приватни медиуми за кои тие немаат надлежност да постапуваат.
-Освен до Советот за етика, НП нема процесуирано и постапувано по вакви предмети, за што подносителите се упатуваат и препраќаат своите права да ги бараат пред Јавното обвинителство или Комисијата за спречување и заштита од дискриминација – додаваат во писмениот одговор.
Укажувајќи на опасноста од говор на омраза, од канцеларијата на Народниот правобранител алармираат дека тој е феномен кој може да доведе и до криминал од омраза.
Сличен е и ставот на професорот Џигал, кој вели дека според бројни истражувања, ваквиот говор е иницијална каписла за физичко насилство.
„Секогаш физичкото насилство настапува како последна фаза на вербалното насилство. Препораките и на комуниколозите и на психолозите се да не се овозможи така лесно ширење и практикување на вербално насилство, на вербална нетолеранција која некогаш предизвикува, а секогаш поттикнува физичко насилство“, предупредува комуникологот.
На штетните последици од ваквиот говор укажуваат и од канцеларијата на Народниот правобранител:
„Говорот на омраза како концепт се однесува на цел еден спектар на негативен говор, протегајќи се од говор кој изразува, поттикнува, повикува или промовира омраза, до повредливи зборови и епитети, па дури и истакнување на екстремни примери на предрасуди, стереотипи и пристрасност“.
Од канцеларијата на Омбдусманот во писмениот одговор до ММС, даваат и едно „пластично“ објаснување за тоа како да го препознаеме говорот на омраза.
-Покрај директниот говор, говорот на омраза вклучува и многу други форми на изразување, како на пример: јавно користење на навредувачки симболи, на пр: свастиката која е нацистички симбол; знаци и симболи кои имаат или содржат навреди и се прикажуваат на паради, протести, јавни обраќања и слично; палење на крстови или палење на знамиња и симболи на одредени верски групи, држави и нации; испишување на графити со навредлива содржина, како и лепење на плакати со таква содржина; делење на летоци со таква содржина; изразување преку ТВ и радио, а од неодамна и изразување на Интернет и користење на социјалните мрежи што кај нас е инкриминирано преку чл. 394-г од КЗ, додаваат оттаму.
Користењето говор на омраза во политиката – дополнителна причина за загриженост
Темата е дотолку комплексна, што сторителите може да се анализираат и од психолошки и од социолошки аспект.
Беспарицата, несигурноста, социјалната загрозеност се само дел од факторите кои може да послужат како „тригер“ за оние кои го шират говорот на омраза како свој издувен вентил скриени зад тастатурата.
„Во однос на психолошкиот профил на лицето или групите коишто го прават тоа, секако некои економски, социјални фактори може да влијаат овие луѓе да се охрабрат, да се поттикнат, да ги напуштат тие контролни механизми (како психолошки, така и социолошки). При тоа, се закануваат, практикуваат и говор на омраза и насилнички дела од омраза. Овие случаи навистина треба посебно да се анализираат за да се утврдат факторите на влијание прецизно“, констатира проф. д-р Џигал.
Според него, дополнително загрижува тоа што говорот на омраза се користи и за политички цели.
„Социјалните мрежи некогаш се поле на комуникација која е смислена и плански организирана против неистомисленици, партии или други опоненти на идеолошка, верска, етничка, јазична основа од страна на мнозински кон малцински групи. Тоа е загрижувачки бидејќи некој овој вид на комуникација со заплашување, нетолеранција и говор на омраза се обидува да го искористи како алатка за политичка, партиска и друга мобилизација“, предупредува нашиот соговорник.
Лоша судска пракса, комплексни причини
Справувањето со говорот на омраза според него, е нешто за што институциите допрва треба да ги зголемат своите капацитети. Меѓутоа, тоа не е доволно. Оваа тема треба да добие поголемо внимание и во образовните програми.
„Веројатно правните експерти може да понудат подобри решенија за поспецифично да се контекстуализираат и прецизираат различни видови на говор на омраза и насилнички акти од омраза. Потоа може да се подобри капацитетот во однос на тоа како се информира за вакви случаи, како се процесуира тоа во самите институции, да се подобри нивниот капацитет и не само да ги примаат информациите туку и да ги решаваат ефикасно.Секако тука е многу важна и едукацијата, да се вклучат повеќе содржини во образовните програми, но и да се подобри капацитетот на невладините организации да преземат дел од активностите“, заклучува Џигал.
Од канцеларијата на Народниот правобранител препорачуваат институционална рамка која ќе врши превенција, следење, контрола и санкционирање на говорот на омраза и криминалот од омраза.
Оваа институција има и свои предлози за тоа какви механизми би можела да искористи државата во оваа насока:
-Државата треба да воспостави адекватен систем за следење и пријавување на сторување и искажување на говор на омраза, да овозможи систем на бесплатна правна помош на жртвите на говор на омраза, да работи на подигање на јавната свест на граѓанството, и постојано да спроведува обука и тренинзи на полицијата, обвинителите и судиите, служби кои кои се најповикани да дејствуваат во делот на превенирање, процесуирање и санкционирање на сторителите на говорот на омраза, како и евентуалните последици кои може да произлезат од таквиот говор – се вели во институционалниот одговор.
Граѓанскиот сектор кој го следи ова прашање, го опишува говорот на омраза како „малигна општествена појава“ која е сѐ поприсутна во јавниот дискурс во земјава.
„Нашите податоци покажуваат дека говорот на омраза и вознемирувачкиот говор се зголемува во контекст на тековни општествено-политички настани и со зголемување на видливоста на маргинализираните заедници“, вели Анастасовска од Хелсиншкиот комитет.
Назначувањето на обвинител за следење на предметите за кривични дела од омраза и дискриминација, таа го оценува како светла точка во комуникацијата на Обвинителството со невладините. Сепак, судската пракса во санкционирањето на говорот на омраза, не е добар – констатира нашата соговорничка.
„Причините зашто немаме добра судска пракса се комплексни, од недоволно препознавање на говорот на омраза до потешкотии за собирање дигитални докази па сѐ до перцепцијата и волјата на обвинителството“, нагласува Анастасовска.
Вознемирувачкиот или говорот со кој се повикува на дискриминација, застапен во 30 отсто од претставките до КСЗД
Освен во МВР и до Обвинителството, Хелсиншкиот комитет го пријавува говорот на омраза и до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, па го прашавме ова тело какви ингеренции има при процесуирање на ваквите случаи.
Од Комисијата ни одговорија дека кога ќе утврдат вознемирувачки говор, даваат препораки за отстранување на повредата на правото.
-Тоа може да опфати бришење или отстранување на објава во која има вознемирувачки говор, јавно извинување, воздржување од таков говор во иднина и/или посета на обуки за сензибилизирање на утврдениот дискриминатор. Доколку дискриминаторот не постапи по препораката во дадениот рок, КСЗД поднесува барање за поведување прекршочна постапка пред надлежен суд – ни појаснија од Комисијата.
Мислењата кои таа ги донесува, може да се користат и во судските постапки поврзани со говорот на омраза како кривично дело, но и во кои било случаи на утврдена дискриминација. Комисијата исто така, има законска надлежност да поведува постапки по службена должност, а тимот за односи со јавност потенцира дека оваа законска можност досега ја искористиле повеќе пати.
-Најчесто постапка по службена должност се отвара за предмети по допрен глас во кои има индиции за потежок облик на дискриминација, за дискриминација со која се опфатени поголем број на луѓе или на кратко речено, секогаш кога постои општествен или стратешки интерес за тоа – велат од КСЗД за ММС.
Во писмениот одговор до нашата редакција додаваат дека во случаите на дискриминација кои досега ги утврдиле во областа на јавното дискриминирање, таа била во форма на вознемирување или говор со кој се повикува, поттикнува или дава инструкција за дискриминација.
Од почетокот на своето работење, односно од 2021-та па до денес, Комисијата примила 398 предмети за заштита од дискриминација во областа на јавното информирање и медиуми. Оваа бројка претставува речиси 31% од вкупниот број претставки.
КСЗД утврди дискриминација во 73 случаи, во 45 од случаите не се утврди дискриминација, а 271 претставки биле отфрлени (најчесто поради ненадлежност на Комисијата да постапува или поради неуредност на поднесокот). За преостанатите девет предмети постапката е во тек, додаваат од Комисијата во одговорот до ММС.
Вања Мицевска
Овој напис е подготвен во рамките на проектот Мрежа за разновидност 2.0 – Нова агенда.