Од 04.11.2024 година Хотел Манастир, Берово, продолжува со работа
-Хотел Манастир, Берово, повторно ги отвора вратите за сите свои гости во понеделник, 4 ноември 2024 година. Нашата карактеристична традиционална понуда и топлата срдечна услуга ве очекуваат, подготвени да ви овозможат автентично и незаборавно искуство. Иако на 27 октомври се случи пожар во еден дел од хотелскиот комплекс, со радост известуваме дека истиот беше локализиран во само еден мал дел од ресторанот каде се наоѓа отворената скара. Благодарение на брзата и ефикасна реакција на нашите вработени, пријателите и противпожарните служби, пожарот беше ставен под контрола и не го зафати останатиот дел од комплексот, се вели во соопштението од менаџментот на хотелот, во кое понатаму се објаснува во врска со пожарот.
-Хотелските сместувачки капацитети, кујната, вториот дел од ресторанот, терасите, СПА центарот, паркот и останатите содржини се целосно функционални и подготвени да ги пречекаат сите гости со истиот висок квалитет и гостопримливост по кои сме познати. Во овој период, започнавме санација на погодениот дел од ресторанот, кој наскоро ќе се врати во својот автентичен облик за да го зачува амбиентот кој нашите гости го сакаат. Изразуваме особена благодарност кон медиумите за сето посветено внимание деновиве, но и огромна благодарност кон противпожарните служби – пред сè кон ТППЕ Берово, како и за службите од Пехчево, Делчево, Виница, Кочани и Струмица. Благодарение на нивната професионалност, пожртвуваност и посветеност, нашиот хотел продолжува да биде вашата омилена дестинација за одмор, работа и уживање, информираат од хотелот.