Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, во емисијата „Стадион“ на Канал 77 потенцираше дека покрај низата инфраструктурни реализирани проекти, како никогаш досега, само во овие 3 години, во Штип се финансираат повеќе од 5 милиони евра во промена на водоводна и канализациона мрежа.
Јорданов истакна дека токму водоснабдувањето е еден од главните проблеми на граѓаните, па затоа и во овој период се има најдено на листата на приоритети на локалната самоуправа.
- Можеби за јавноста не е многу познато, но би сакал да истакнам дека за првпат во Штип, обезбедени се пари од самопридонесот кои одлучивме да се искористат за изградба на два резервоари во Штип, а со цел отстранување на долгогодишните проблеми со водоснабдувањето. После 50 години, ова е прв ваков зафат со целосна промена на подземанта инфраструктура, бидејќи одамна е поминато времето за употреба на застарените и азбесни водоводни линии, истакна Јорданов.
Штипскиот градоначалник дополнително најави дека во текот на следната година, веќе се подготвуваат и проекти за изградба на мост на река Брегалница, сообраќајница со цел поврзување на наслебите „Македонка“ и „Баби“, изградба на градинка помеѓу населбите „Пребек“ и „Железничка“, како и изградба на трибина на градскиот стадион.