Шест нови авионски линии со Дубаи, Барселона, Лион, Штутгард, Базел и Истанбул ќе бидат отворени следната година – најави министерот за транспорт, Александар Николоски, на денешната прес-конференција во Владата.
Како што информираше министерот Николоски, четири нови авионски линии се однесуваат на скопскиот аеродром, каде два пати неделно ќе се лета на релација Скопје-Дубаи-Скопје (од 30 март), исто како и Скопје-Барселона-Скопје (од 30 јуни), додека, по три пати неделно ќе се лета Скопје-Лион-Скопје (од 30 јуни) и Скопје-Штутгард-Скопје.
На охридскиот аеродром, новина се линиите Охрид-Базел-Охрид која ќе лета два пати неделно и редовната линија Охрид-Истанбул-Охрид (од 30 март) која ќе лета четири пати неделно.
Министерот информираше дека државата субвенционира 12 евра по патник на доаѓање на охридскиот аеродром и 9 евра по патник на доаѓање на скопски аеродром. Тој рече дека се очекуваат 200 000 патници плус со новите линии.
„Овие шест дестинации се прекрасна вест за македонските граѓани. Директно поврзување со Дубаи, Барселона Штутгард, Лион, Базел и Истанбул се прекрасна вест која ќе донесе бројни нови туристи и полесно патување за македонските граѓани“, рече министерот.
Дополни дека се во процес на подготовка на втор повик кој треба да се објави кон крајот на ноември и да донесе нови дестинации.
Во моментов, на скопскиот аеродром во лето оперираат 47 дестинации, а на охридскиот осум, додека, во зимскиот период 38 од скопски и четири од охридски аеродром.
Виз Еир е авионската компанија задолжена за новите летови за Штутгард, Базел, Барселона и Лион. Флај Дубаи за Дубаи и Туркиш Ерлајнс за Истанбул.