Од петокот па и во текот на изминатиот викенд, еден вработен во Зоолошката градина во Скопје е со покачена темепература, поради што нему му е наложено да направи тестирање за присуство на вирусот што предизвикува „птички грип“. За останати четворица вработени ќе им бидат издадени решенија за здравствен надзор, соопшти Институтот за јавно здравје од Скопје.
Ова уследи откако кај угината птица во Зоолошката градина во Скопје беше потврдено присуство на „птичји грип“. Според надлежните, нема опасност по посетителите на Зоолошката и не треба да се прави паника.
Марија Андоновска, директорка на Институтот за јавно здравје вчера изјави дека 15 вработени во следните две недели ќе бидат под мерката за медицинско следење. Тоа се вработени, кои биле во контакт со птиците.
Птичјиот грип или познат како инфлуенца A(H5N1) е еден од неколкуте вируси на грип кој предизвикува високо заразна респираторна болест кај птиците наречена авијарна инфлуенца (или „птичји грип“). Документирани се и инфекции кај цицачи, вклучително и кај луѓето.
Периодот на инкубација за инфекција со A(H5N1) се проценува дека е до седум дена, иако обично е два до пет дена по последната позната изложеност на болна или мртва живина. Сепак, периодот на инкубација може да трае и до 14 дена.
Инфекцијата со вирусот на грип A(H5N1) може да предизвика низа болести кај луѓето, од благи до тешки, а во некои случаи може да биде дури и смртоносна. Смртноста е до 50%, соопшти ИЈЗ.