Не е познато колку луѓе добија, а кои загубија со тргувањето со крипто средства преку апликацијата Конти, но од Управата за јавни приходи потсетуваат на законот.
Доколку станува збор за било какви други приноси остварени од Конти мрежата, исто така физичките лица имаат обврска до УЈП да поднесат електронска пресметка преку e – ujp@ujp.gov.mk најдоцна до 10 – месецот по месецот во кој е остварен доходот и да го платат данокот најдоцна до 15 – ти во месецот за претходниот месец.
Ова се однесува на физичките лица, кои остваруваат капитална добивка од продажба на крипто валути, кои, како што одговорија од УКП на нашите прашања. имаат обврска до УЈП преку системот е – даночни услуги, да поднесат електронска пресметка.
-Од аспект на Законот за данок на добивка обврзник на данокот на добивка е правно лице резидент на Република Северна Македонија кој остварува добивка од вршење на дејност во земјата и странство, при што основа за пресметување на данокот од добивка се утврдува како разлика меѓу вкупните приходи и расходи на даночниот обврзник во износи утврдени согласно со прописите за сметководството и сметководствените стандарди (член 7 став 2) од ЗДД, соопштија од УЈП.
Виртуелните средства се регулирани со Законот за спречување на перење на пари и финансирање на тероризам.
Управата најавива дека согласно надлежностите, УЈП ќе изврши контрола кај правното лице Друштво за информативни услуги КОНТИ-ДИМКОВ ДООЕЛ Кавадарци. Тоа е компанијата која го отвори првиот информативен центар за Конти.
Според одговорот од УЈП, своја надлежност во за текот на следењето на парите има и Централната банка согласно со одредбите на член 7 став 1 точка 10 од Законот за Народна Банка.
„Народна Банка врши надзор над примената на прописите со кои се уредува девизното работење, менувачкото работење, системите за спречување на перење пари и заштита на потрошувачите, согласно со овој или друг закон. Согласно член 36 од Законот за девизно работење, под менувачко работење се подразбираат работи на купување и продавање на ефективни странски пари и чекови деноминирани и исплатливи во странска валута. Менувачко работење вршат резиденти кои од Народна Банка имаат добиено овластување. Народна Банка врши непосреден надзор над работењето на банките, штедилниците и менувачниците на кои им издала дозвола за работа, пишува во одговорот од УЈП.
Од друга страна, во одговорот од Народна банка за прашањето на издавање, вложување и тргување со крипто-средствата се информира дека тоа не е регулирано, вклучително ниту во Законот за девизно работење (и неговите подзаконски акти) којшто го уредува и работењето со странство.
„Сепак, ова не значи дека работењето со крипто-средствата е недозволено, туку во моментов тоа е нерегулирано. Крипто-средствата не претставуваат законско средство за плаќање во нашата држава, односно не е дозволено да се плаќа со крипто-средства. Согласно со постојната регулатива, плаќањата можат да се вршат во домашната валута ‒ денарот. Крипто-средствата не се депозити, не се гарантирани и не постои механизам преку кој клиентите ќе бидат обесштетени. Оттука, ако пропадне платформата преку која се врши тргувањето или субјектот којшто издал некое крипто-средство, не постои механизам за обесштетување на имателите на крипто-средства. Ова е една од причините поради кои вложувањето во крипто-средство се смета за високоризично.Тековно, Народната банка нема надлежност да го регулира создавањето, поседувањето или тргувањето со крипто-средствата од страна на домашните економски агенти. Таа нема никаква надзорна улога во врска со крипто-средствата“, пишува во општите информации на сајтот на НБРСМ.
Конкретно, за случајот со влоговите на граѓаните во Конти, на нашите прашања од Централната банка одговорија дека институцијата не е регулатор на издавачите на крипто средства, ниту пак на давателите на услуги поврзани со овие средства.
„Имајќи ја предвид актуелноста на оваа тема на глобално ниво, а со цел обезбедување поголема заштита и информираност на јавноста за ризиците поврзани со крипто средствата, како и минимизирање на ризиците по финансиската и макроекономската стабилност, Народната банка со посебно внимание ги следи иницијативите на глобално ниво за регулирање и воспоставување надзор над издавањето и тргувањето со овие средства и за обезбедување транспарентен и регулиран пазар“, стои во одговорот од Народна банка.
Ова се институциите, кои законот им дал надлежности за да ги следи тековите на парите на граѓаните и правните лица, кои во случајот со Конти се покажа дека е создаден паралелен систем, преку кој целосно се заобиколени институциите. Неизвесно е колку граѓани ги загубија своите вложени средства во апликацијата Конти, која, се чини е уште една пирамидална шема на прибирање на средства на граѓаните.
В.К.