Албанскиот премиер Еди Рама денеска беше опериран во Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“ во Тирана. Рама денес, на 3 октомври, бил опериран од кила, а операцијата ја извршил д-р Арбен Ѓата, кој неодамна го оперирал слепото црево на албанскиот премиер.
„Поради вашите прашања и барања за информации за хируршката интервенција на премиерот Еди Рама, ве известуваме дека: Премиерот Еди Рама во моментов е на лапароскопска хируршка интервенција во Универзитетскиот болнички центар „Мајка Тереза“. Лекарскиот тим под раководство на проф. д-р. Арбен Ѓата е на операција на ингвинална хернија. Се очекува по завршувањето на интервенцијата премиерот Рама да преноќи во просториите на болницата“, се вели во соопштението од кабинетот на албанскиот премиер.
Рама во август при посетата на новоотворената дневна болница во Универзитетскиот клинички центар рекол дека повторно ќе дојде, но како пациент, бидејќи мора да оперира ингвинална (препонска) кила.
Тој тогаш изјави дека прави вежби за истегнување и се воздржува од јадење, за да не си ги напрега цревата, за што рече дека е резултат на играњето кошарка.
„Но, очигледно не можам сам да ги излечам овие препони, па ќе дојдам повторно“, рече тогаш Рама.