Скопје е градот кој ќе пречека 5000 љубители на танцот од најразлични страни на светот, кои ќе бидат дел од IDO World Hip-Hop Championship & Street Dance Show 2024. Од 9 до 17 октомври, очите на хип-хоп светот ќе бидат вперени во Македонија, која за првпат е домаќин да едно вакво големо и интернационално шоу.
Љубителите на на хип-хоп културата, во Спортскиот Центар „Борис Трајковски“ ќе имаат можност да ги следат натпреварите во дисциплините „хип хоп“ и „стрит денс шоу“ во повеќе возрасни категории.
Во организација на клубот „Брејк а Лег“, покрај натпреварувањата, најавен е и забавен блок со настапи, кој ќе се одржи на 11 октомври – на кој ќе учествуваат ДЈ Боно и Пајак, а за кој влезот ќе биде бесплатен.
Овој светски шампионат, кој ќе биде обоен во боите на спортот, културата и танцот, претставува одлична прилика за дружење со посетители од 35 држави и поддршка на сите нации, кои ќе се натпреваруваат.
Официјалното отворање на настанот ќе се одржува на 12 октомври, со свечена церемонија која вклучува и ревијален дел каде ќе се претстават сите држави со Парадата на нации, пред која ќе следат и многу други изненадувања. Влезот за официјалниот дел, кој започнува од 18:00 часот, ќе биде бесплатен – поради што организаторите упатуваат апел до сите граѓани да дојдат и да покажат како изгледа македонското гостопримство.