Ново разгорување имаше претпладнево во пожарот во северниот дел на грчкиот полуостров Пелопонез во близина на градот Ксилокастро, а преку бројот за итни случаи 112 беа испратени две различни пораки до сите оние кои се во близина на три населени места да се евакуираат – јави дописничката на новинската агенција МИА од Атина.
Од рано утрово засилени се противпожарните сили што интервенираат во пожарот што е активен веќе 24 часа, а животот го загубија двајца мажи на возраст од 35 и 40 години.
Според грчките медиуми, на мажите им се загубила трагата откако тргнале да му помогнат на пријател во пожарот, а рано утрово биле пронајдени две јагленосани тела и веројатно се работи за исчезнатите, меѓутоа ќе следи и процес на идентификување.
Министерот за цивилна заштита и климатски кризи на Грција Василис Кикиљас преку социјалните мрежи изрази сочувство до семејствата на двајцата загинати и апелираше до граѓаните да ги почитуваат пораките од бројот 112 и да ги следат упатствата на пожарникарите и полицијата.
-Шумските пожари се исклучително опасни не само за имотите, туку и за животите на луѓето, напиша Кикиљас.
Пожарот е во северниот дел на полуостровот Пелопонез во близина на градот Ксилокастро меѓу Коринт и Патра.
Интервенираат над 350 пожарникари со 15 пешадиски тима, 110 возила, како и седум авиони и 11 хеликоптери, а помагаат и волонтери и цистерни од општините.