Одделението за Кардиологија при Клиничка болница-Штип доби нов современ апарат за оптичка кохерентна томографија кој се вбројува во еден помеѓу четирите на Балканот.
Раководителот на Одделението за кардиологија, Благоја Василев денеска изјави дека изминатата недела за првпат успешно e извршена коронарна интервенција.
-Изминатава недела за првпат успеавме самостојно да извршиме една осити водена перкута на коронарна интервенција и со тоа ја означивме почетокот на работата на новиот апарат за оптичка кохерентна томографија. Се работи за високо сензитивна имиџинг техника, благодарејќи на која може да влеземе во коронарните артерии на срцето и од внатре да ги снимаме и проучиме градбата на самиот коронарен крвен сад и евентуалните стенози, стеснување на крвните садови, степенот на стеноза, градбата на крвниот сад. Овој апарат е дел од четирите апарати што ги има на Балканот, горди сме да кажеме дека и нашиот оддел секојдневно расте во смисла на воведување нови процедури и интервенции од кои што ќе имаат бенефит граѓаните, изјави Василев.
Тој истакна дека интервенциите со новиот апарат се извршуваат со специјални оптички катетри кои се внесуваат во внатрешноста на крвниот сад.
-Првата интервенција беше жена на 60 години закажана селективен пациент, интервенцијата траеше околу два часа. Резултатот беше одличен, пациентката утредента замина хемодинамски стабилна во одлична состојба, рече Василев
Тој вели дека Клиничка болница-Штип во наредниот период со набавка на коронарен стрес тест апарат и на нови холтер апарати ќе успее да го заокружи кругот на една квалитетна дијагностика на ова одделение.