Се знае каков е светскиот протокол за дочек на државник – тоа подразбира химна, знаме, ќилим, рапорт. Три третини протоколот е ист секаде во светот и една четвртина е особеност на земјата. Во случајот со посетата на македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова на Бугарија и средбата со нејзиниот колега Румен Радев и недоставувањето на македонското знаме е гаф на бугарскиот протокол, смета Лукреција Маљковиќ – Атанасовска, од Академијата за протокол. Но, не само бугарски гаф, туку пропустот во протоколот е направен и од македонска страна.
-Пред да се случи официјална делегација или гостин се оди неколку дена порано за да се провери. Не смеете да дозволите да се оди на непроверено. За жал тоа е само еден пример, како еден протоколарен гаф ја засени посетата. Тоа беше гаф на бугарскиот протокол, рече Маљковиќ – Атанасовска во емисијата Стадион на Канал 77.
Неколку дена по оваа поста, има повеќе шпекулации со прашањето дали гафот е намерно направен. Маљковиќ – Атанасовска не ги коментираше шпекулациите дека нашиот протокол отишол ден порано да ги провери условите, но не биле примени од бугарските колеги, што беше негирано од бугарска страна. Како аргументи на ова тврдење додаваат дека фотографиите прво се објавени од кабинетот на македонската претседателка, а 2-3 часа подоцна ги објавија и од кабинетот на Радев.
Маљковиќ – Атансовска вели дека ние како јавност немаме доволно податоци за оваа средба, но во вакви случаи се мери помалото зло. Но, како домаќини, пропустот е кај Бугарите, кои требало да имаат македонско знаме.
-Треба да се застане. Ја анализиравме состојбата, сфативме дека немаме доволно податоци што кој како… Дали можело да се спречи? Не треба работите да ескалираат. Се мери помалото зло и не треба понатаму да се нарушуваат и онака тензичните односи. Без разлика на се’, културната дипломатија ја одигра својата улога. Тоа е протоколарен пропуст, да не го направиме и дипломатски скандал, рече Лукреција Маљковиќ – Атанасовска.
Таа додаде дека поради вакви нарушени односи, со години чекаме почеток на преговори.
-Грешката е и на наша страна. Провокација е и од бугарскиот протокол, можеби било ненамерно. Може да е намерно, но еве што се случува кога две служби не комуницираат. Без разлика каква била средбата – се јавувате, се договарате. И кај Пленковиќ (хрватскиот премиер)- имаше проблем – во кабинетот немаше знаме, но тоа не се дискутира, бидејќи со Хрватите немаме проблем како со Бугарите. Се’ се планира до најмал детал и се’ треба да се направи како служба по протокол, нашиот шеф да не биде изложен на бламирање, на лоши коментари… Во протоколот владее едно правило – со терористи се преговара, со протокол не, кажа Маљковиќ – Атанасовска во „Стадион“.
Емисијата „Стадион“ е во тек, може да ја следите во живо на радио, на Фејсбук и на You tube.