Феноменоменално се чувствувам, рече фолк пејаот Благоја Грујовски на вчерашната промоција, кога заедно со Гоце Пејковски ја промовираа дует песната „Мој пријателе“, а истовремено Баже го прослави својот 62. роденден.
Баже има многу причини да се чувствува феноментално, како што вели, здрав и жив е, а тоа е најважно.
-Роден сум 1962 година и полнам 62 години. Тоа е „цагер“, кој се случува еднаш во животот, 62:62. Секако не на секако ама мене ми се случи. Ако умрев во короната немаше да го дочекам овој „цагер“. Фала му на Бога што го даде овој живот, што можеме да се дружиме, рече тој.
Баже за време на короната едвај се спаси, животот му висеше на конец, а вели дека тоа премрежје уште еднаш му потврдило дека треба и понатаму да продолжи да живее со позитивна мисла.
-Не ми се смени начинот на размислување, не многу. Јас сум истиот каков што сум бил порано. На тоа не ни сакам да се сеќавам. Како да не било. Тоа е една епизода од мојот живот, бев на работ, меѓу животот и смртта, и на тоа сега, после три години, гледам како да не се случило. Како некој друг да ми го раскажувал. Не се врзувам за негативни моменти, искрен е Баже.
Тој своите години ги носи на најдобар можен начин и секој кој ќе го види не верува, сите мислат дека е далеку, далеку помлад.
-Многу луѓе ми рекле како е можно така младолик да си, да не се менуваш. Но, факт е дека и јас се менувам . Особено кога ќе си ги видам моите слики од пред 20, 30 години. Можеби кај мене тие промени одат побавно. Немам ектсра килограм, скоро 30 години сум истата килажа. Можеби и тоа придонесува.. А како се случува тоа, како е можно ниту на мене не ми е јасно. Во начинот на исхрана ништо не сум сменил, си терам како и вообичаено. Имам некој терк на исхрана ама тоа не е ништо плански. Јас не се лишувам од ништо. Едноставно не јадам многу. Се што правам правам умерено. Јадам умерено. Наутро јадам овошје и некои зрнести плодови. Алкохол пијам умерено, не се лишавам од тоа. Палам по некоја цигара, но не сум пушач. Знам да запалам денес 5-6 цигари, утре можеби ниедна. Не сум страствен пушач, не сум страствен пијач. Секако сакам со друштво да се напијам неколку пијачки и толку, рече Баже.
Вели дека и не практикува некоја посебна нега на кожа, со која би ги забавил брчките.
-Ништо од тоа. Организмот сам се негува доколку му помагаш тоа да го прави. Ако ние му одмагаме на организмот, ако јас денес пијам цело шише алкохол или ако пушам две кутии цигари нормално е дека организмот нема да реагира така туку ќе се предаде. Но, јас му давам на организмот шанса да се одмор. Спијам нормално, по 5-6 часа. Ако немам ангажман легнувам порано. Така си го подредив животот да немам премногу ангажмани и премногу стресови. Контролирам да имам 50-тина настапи годишно и тоа бирам настапи што мене ми одговараат, додаде тој.
Освен што се грижи за себе, тој се грижи и за неговите два сина иако, како што вели, Матеј е веќе голем, свој човек, а Марко е на праг на пубертет.
-Поголемиот и нема потреба да го советувам веќе, тој е веќе возрасен, има 26 години. Дипломира, работи и живее сам. Е сега доста имам за кажување кај помалиот, кој има 14 години и сега е во тие специфични години. Со него има потреба многу да се работи, рече Баже па откри дали е среќен човек.
-Можам да кажам дека сум среќен човек. Нема нешто што би ме правело несреќен. Секако има некои секојдневни проблемчиња, но тие се од техничка природа. Јас сум задоволен од животот. Впрочем и не барам многу од животот. Не патам од луксузи. Важно ми е сите да сме живи и здрави, рече Баже.
Весна Миленковска
Фото: Вангел Тануровски