Властите во Грција прогласија вонредна состојба поради тоните мртви риби кои беа исфрлени во водите на грчкиот пристанишен град Волос.
Според новинската агенција АНА, оваа мерка како одговор на последната еколошка катастрофа во регионот треба да се применува еден месец.
Целта е да се обезбеди државна поддршка за чистење на пристаништето и околните плажи и реки.
Властите соопштија дека слатководните риби умреле како резултат на разорните поплави што минатата година го погодија централниот грчки регион Тесалија. Невремето поплави повеќе од 20 илјади хектари земја и повторно го наполни блиското езеро Карла (површината се зголеми за трипати), кое беше исушено во 1962 година во обид за справување со маларијата. Оттогаш, езерските води драстично се повлекоа како последица на силната суша, што ги тера рибите кон пристаништето Волос, кое се влева во Егејско Море. Но тие риби не можат да преживеат во солена морска вода и илјадници мртви риби ги затнаа водите околу пристанишниот град, кој е на околу три и пол часа возење северно од Атина.
Сцените кои веќе неколку дена се случуваат во Пагастискиот залив потсетуваат на десетте библиски неволји кои некогаш го погодиле древниот Египет. Густиот тепих од трупови на риби ги покрива водите во и околу пристанишниот град Волос, кој е масовно посетуван од туристи кои оттаму со траекти се упатуваат до островите на архипелагот Споради.
Волос по втор пат во последните 12 месеци го погоди еколошка катастрофа. Поплавите пред една година однесоа најмалку 17 животи во Грција и опустошија обработливо земјиште, патишта, згради и друга инфраструктура. Тие поплавија околу 1200 квадратни километри површина во централна Грција, главно во Тесалиската рамнина, една од главните центри за производство на житарки и други индустриски култури во земјата.
Речиси во исто време, Грција се бореше со тешки шумски пожари, кои исто така ги однесоа животите на повеќе од 20 луѓе. Според климатските и временските експерти, ваквите настани ќе продолжат да се зголемуваат поради климатските промени.