Во новата учебна година во Грција, што започнува на 11 септември, ќе бидат воведени 11 промени, меѓу кои и забрана за користење на мобилните телефони за време на наставата, додека пак за прекршувањето на мерката, но и за снимање и фотографирање предвидени се казни, како што се бркање од часови, суспензија на неколку дена и сл., јави дописничката на МИА од Атина.
Новите промени што имаат за цел да го подобрат наставниот процес и училишниот живот беа презентирани на средбата на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис со раководството на Министерството за образование, религија и спорт.
Мицотакис се задржа на мерката за мобилните телефони, објасни дека учениците може да ги носат на училиште, но треба да ги чуваат во ранците, посочувајќи дека се негативни резултатите од научните студии за тоа како користењето мобилни на училиште влијае на самиот процес на учење.
– „Мобилниот во ранец“ е слоганот со кој сакаме да се отворат училиштата оваа учебна година. Тоа е нов напор. Сакам да нагласам дека многу европски земји се движат во оваа насока. Не бараме 100 отсто усогласеност од првиот момент, но сакаме да им објасниме на децата, на родителите и наставниците зошто е важно ученикот и ученичката на училиште да биде апсолутно посветени на образовниот процес – истакна Мицотакис.