Верувам во позитивна енергија, во Бога и во добри луѓе – ова низ насмевка го вели новинарот, Зоран Василевски Фаци кој веќе три години се бори со канцер. Утре заминува за Истанбул каде треба да се оперира в четврток или петок. Ден подоцна тој ќе го прослави и првиот роденден од својот нов живот.
Потребата од 15.000 евра колку што според првичните пресметки, ќе чинат испитувањата, операцијата и престојот во болницата, ја сплоти македонската јавност. Граѓаните со своите донации го приближија Зоки кон целосно оздравување.
А како почнало сѐ, тој вчера раскажа во емотивната исповед со јутјуберот Стефан Лазаров со кого имаат и заеднички поткаст.
„Чудни се патиштата господови. Сѐ почна пред три години кога бев во Катланово, таму имам куќа. Полевав цвеќе и носев апостолки. Се лизнав и вечерта ми излезе на ногата како топче. Мислев дека сум го зезнал мускулот, но излезе дека е сарком кој го извадија после четири месеци и беше 750 грама. Мислев дека тука заврши приказната, тоа беше мојата прва операција кај д-р Џонов на Клиниката за пластична хирургија“, ја почнува Зоки својата приказна.
По една година на истото место се појавил нов тумор. Хирургот тогаш рекол дека тоа „не му се допаѓа“ и сепак ќе треба да се оди и на хемотерапија.
„Хемотерапијата ја примив во државна болница кај д-р Игор Стојковски и за кратко време ми се појави туморот на стомак. Хемотерапиите ми го уништија животот, од 90 килограми дојдов до 68 и ми се смени начинот на живот. Кога пиев вода мислев дека е нафта, а и не знаев што јадам, немав вкус. Хемотерапијата мојот организам не ја прифати. Примав четири хемотерапии и направивме пауза. Не смеам да примам хемотерапија додека туморот е сѐ уште во мене“, објасни Зоки.
Причината поради која тој решил да не се оперира во македонското јавно здравство е тоа што му е кажано дека операцијата може да се изврши на крај на септември. Но операцијата е дотолку повеќе итна, што без неа, новинарот би имал само уште неколку месеци живот.
Инаку ова не е првпат да одам за Турција, во април бев еден месец на испитувања таму. Тогаш се потрошија многу пари, ова ќе ми биде втор пат така што држете ми среќа – оптимист е Зоки.
Операцијата во Истанбул ќе се изврши во American hospital, но докторите таму допрва треба да одлучат дали тоа ќе биде ласерски или со сечење.
„Сакам да се заблагодарам јавно на цела Македонија, не очекував дека после 20 години кариера ќе сфатам дека Македонија ме сака. Се обидувам цел живот да бидам насмеан и ведар, во овие тешки моменти да бидам со насмевка. Сфатив дека ако се затворам дома во овие четири ѕида нема ништо да направам од себеси“, искрен е Зоки.
Лазаров пак, го заврши разговорот со ветување дека ќе го чека на аеродром, но побара од него да вети дека кога ќе се врати жив и здрав, ќе се псоветат повеќе на хуманитарни акции.
„Испитувањата се 3 ипол илјади евра, па ќе дознаеме која е вистинската сума за операцијата и затоа не сме објавиле дека ги затвораме донациите“, појасни Лазаров.
За крај, Зоки упати благодарност до сите кои му испраќаат позитивни вибрации за да истрае во новото искушение. Тој долги години известуваше за случувањата на естрадата, која сега даде отворена поддршка:
„Не можам да набројам кој сѐ ми се јави, ми се јавија бизнисмени, луѓе што не ги познавам, фудбалски репрезентативци. Ме постираа Каролина Гочева и Елена Ристевска, сакам да ги поздравам сите како ДНК, Антонија Гиговска, Слаткар… Врчак ми напиша прекрасна порака. Објавија и Тамара и Калиопи и конечно естрадата ми врати со добро“, изјави Зоки.
(В. Ми)