Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 51-годишен скопјанец постапувајќи по кривична пријава, бидејќи постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
-Осомничениот, на 12 август, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувајќи автобус сопственост на ЈСП Скопје по општинскиот пат Шуто Оризари –Горно Оризари, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност телото на луѓето. Кога дошол во близина на крстосница со сервисна улица која го поврзува општинскиот пат со улицата “Александар Урдаревски”, постапил спротивно на член 25 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, па со автобусот свртел во лево за да избегне кабаст отпад, шут и друго ѓубре расфрлани по десната страна на коловозот и преминал на левата страна, односно на дел од коловозот наменет за движење на возилата од спротивната насока,
-Дејствието го сторил невнимателно, без претходно да се увери дека може да го направи без опасност по другите учесници во сообраќајот и имотот, не водејќи притоа сметка за положбата, правецот и брзината на движење. Како резултат на наведениот пропуст со предниот лев дел од автобусот се судрил со автомобил “Форд галакси” со скопски регистарски ознаки, со кого управувал 17-годишник кој немал стекнато право за управување со моторно возило. При ударот оштетениот се здобил со тешки телесни повреди од кои починал, а неговиот сопатник во автомобилот се здобил со тешки телесни повреди и е во животна опасност. Надлежниот јавен обвинител за осомничениот предложи мерки на претпазливост – привремено одземање на патна исправа за преминување на државна граница и забрана за издавање нова, привремено одземање на возачката дозвола, забрана за напуштање на живеалиште, односно престојувалиште, како и обврска осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице, информираат од ОЈО.