Поранешниот припадник на ОВК Блерим Рамадани, баран од Србија за екстрадиција, денеска е пуштен од притвор од Затворот Скопје. Косовскиот граѓанин Рамадани, според решението, е упатен во домашен притвор на адреса во Скопје. Поранешниот припадник беше приведен на граничниот премин Јажинце, на влез во Македонија, по распишаната потерница од Србија. Рамадани е на списокот со меѓународни потерници за припадниците на ОВК на Србија, осомничени за воени злосторства на Косово во периодот од 1997 до 1999 година.
Пуштањето на Рамадани се случува само еден ден по официјалната посета на министерот за внатрешни работи на Косово Џелал Свечла на Скопје.
„Ние сме подготвени да разговараме и да работиме и како две соседни земји и како две пријателски земји и нема да дозволиме криминално барање на една трета земја која што нема ни законска основа, ниту законска основа во меѓународното право да го отежнува слободното движење на нашите граѓани”,изјави вчера косовскиот министер Свечла.
Само неколку дена пред оваа средба, министрите на Македонија и на Србија Панче Тошковски и Ивица Дачиќ разговараа за екстрадицијата на Рамадани.
„Очекуваме одлука за екстрадиција, но ова е внатрешно прашање на Северна Македонија“, рече Ивица Дачиќ.
Според судското решение на Кривичниот суд потпишано од судијата на претходна постапка Пајази Пајазити, бараниот од Србија, Блерим Рамадани ќе има дозвола за привремен престој во Скопје до завршување на понатамошните процедури од 01. – 16. 08.2024 година.