Компанијата FCA Србија денеска започна со пробно производство на електричниот автомобил модел „Fiat grande panda“ во фабриката на Стелантис во Крагуевац, додека почетокот на сериското производство е планиран за два месеци. На свеченоста по повод почетокот на производството на новиот модел на автомобил присуствуваа претседателот на Србија, Александар Вучиќ и Карлос Таварес, извршен директор на Стелантис, јави дописникот на МИА од Белград.
Стелантис е мнозински сопственик на фабриката за автомобили во Крагуевац, додека малцинскиот удел е во сопственост на Република Србија, врз основа на договорот за стратешко партнерство потпишан од Владата на Србија со италијанскиот Фиат во 2008 година. На Вучиќ во кругот на фабриката му беше претставен новиот модел на автомобил, кој потоа го возеше до административната зграда на компанијата.
– Ова е голем ден за Србија и Шумадија, за цела Србија. Ова ќе биде голема работа и за нашиот БДП. Ние сме единствени овде во регионот на Западен Балкан што има фабрика за електрични автомобили, рече Вучиќ.
Тој се заблагодари на Стелантис што ја избра Србија за производство на електричниот модел на Fiat.
– Сакам вие работниците да го знаете тоа. Србија даде 48 милиони евра субвенции. За да имаме фабрика во Крагуевац, да се вработите и вие и ние да напредуваме, да напредува нашиот бруто-домашен производ, рече Вучиќ и додаде дека следниот БДП на Србија ќе порасне за 0,5 отсто само благодарение на фабриката Стелантис.
Новиот модел „Fiat grande panda“ е изработен во две верзии – електрична и хибридна, а се планира да се пласира во Европа, потоа на Блискиот Исток и Африка. Автомобилот што ќе се произведува во Крагуевац припаѓа на автомобилите од Б сегментот, во должина под четири метри и е прв во серијата модели на новото семејство на автомобили кои секоја година ќе добиваат нов модел до 2027 година.
„Fiat grande Panda“ е инспириран од моделот од 1980-тите, а почетната цена на моделот е помалку од 25.000 евра за целосно електричната верзија.
Основниот модел со електричен погон, како што наведуваат некои специјализирани српски медиуми за автомобилизам, со најавените државни субвенции во Србија би можел да чини околу 18.000 евра, што за домашниот модел би изнесувало до 7.000 евра.