Забраната на медицинската струка на универзитетот на Мерко, беше меѓу првите потпишани решенија на новата министерка за образование Весна Јаневска. Гостувајќи во емисијата „Стадион“ на Канал 77, Јаневска рече дека тој процес на проверки продолжува, особено по секојдневните притисоци да се расчисти со сомнителните одлуки за акредитација. Јаневска рече дека ќе мора да има редукција и еден по еден предмет да се расчистува. Особено што, како што кажа, секојдневно стигнуваат претставки, а во ова кратко време од три недели, од кога ја презеде функцијата првата претставка била за Државниот универзитет- Тетово.
„Расте притисокот дека треба да се преземе нешто со универзитетите – стојам на сознанието дека премногу се јавни, видливи случаите во некои универзитети како пребрзо завршување, дипломи со низок квалитет на образование. Министерството не може да носи одлука врз основа на јавни тајни. Министерството треба да обезбеди докази дека некој универзитет работел незаконски. Млад господин, член на здружение во телевизиска емисија јавно кажа дека ќе поднесе претставка и таа претставка стигна за Тетовскиот универзитет. Секојдневно добиваме претставки за универзитетите и јавно ветувам дека секаде каде има претставки ќе тргнат службите да ги проверат, кажа Јаневска.
Министерката образложи дека ова е работа на Државниот просветен инспекторат (ДПИ), може да се формира и комисија, а има и внатрешна ревизија. Прво, како што рече, ќе ги погледнат документите и комисија ќе излезе на терен. Во овој дел формиран е Одбор за акредитација и Одбор за евалуација.
„Агенцијата за квалитет на високото образование има претседател и два- тројца адмистративци, па таа содржи Одбор за акредитација и Одбор за евалуација. Овој Одбор за евалуација од неговото постоење до денес нема направено ниедна евалуација – избрани се и земале плата. Одборот за акредитација постојано издава акредитација на студиски програми, во државни и приватни универзитети. Некогаш добивам впечаток е згрешено во процедурите и тука полесно е да се преземат мерки. Некаде процедурата е испочитувана, но некои делови се сомнителни, и тука ќе има многу работа. Не може да се очекува дека ќе се реши за 2-3 месеци, објасни министерката Јаневска.
Министерката за образование наведе дека има преголем број на институции и факултети – со 1300 програми и 38 установи.
„Има 20 правни факултети во државата, има 5 медицински факултети – тоа се бројки кои не се подносливи и само како квантитет нудат полош квалитет на образование, ќе мора да има редукција и еден по еден ќе се расчистуваат, смета Јаневска.
Во однос на високото образование, министерката рече дека треба да се направи државно рангирање на универзитетите. Ги повика универзитетите и професорите повеќе да се вложуваат во својата работа, повеќе да истражуваат и да се подобрат на рангирањето на Шангајската листа, каде последните години значајно се поместуваат надолу.