Жената не џабе ги носи епитетите мајка и кралица. И кога сите ќе ја изгубат надежта, таа не ја губи. И на крај мајчиното срце секогаш победува.
Таква мајка е и Гордана Пуповиќ од скопската населба Ченто, која со зборовите на лекарот „толку е“ не се согласила и не дозволила ниту еден момент да се откаже од борбата за да својот син Роберт повторно го застане на нозе.
Но, за да биде Роберт како што треба во моментов се потребни 6.000 евра, со кои Гордана треба да ги купи таблети „нураид“. Овие таблети Роберт досега ги земал цели три години и во голема мера помогнале во неговото опоравување, но лекарот препорачал да ги пие уште една, а можеби и понатака.
Роберт Павловски (29) и покрај кревањето раце на лекарите се разбуди од кома, прозборе, почна да оди и да размислува и тоа се благодарејќи на упорноста на неговата мајка.
А сѐ се случило во февруари во 2021 година, кога Роберт настрадал во сообраќајка и животот му се превртел наопаку, па повторно учеше да оди, да зборува, да размислува, а и сам да јаде.
-Падна од мотор и од големата траума на главата го изгуби памтењето, јадеше преку стома, цел година беше врзан за кревет, а мозокот не му функционираше. Никој од лекарите не ми даде надеж. Ми рекоа „Тоа е, гледај си го другото дете“, „Збогувај се!“. Ама ете Роберт прооде, застана на нозе. Господ го сака. Јас како мајка никогаш не се откажав, немаше шанси за такво нешто. Која мајка ќе се откаже од роденото дете?! Борбата беше тешка, но успеав да го застанам на нозе. Беше како дете од една година, вели мајка Гордана за ММС.
Откако ги виделе првите резултати лекарите на Гордана ѝ кажале дека за неговата состојба е потребно време, а тоа и се покажало. За овие три години Гордана и Роберт извојувале многу битки, но ги чека уште една.
-Доктор Угриновски ми рече:
„Ова е мозок и никој не може ништо да ти каже или да предвиди. Нему му треба време и силни витамини“. И навистина така се случи, времето си дојде. Роберт не зборуваше точно година и пол, а година и десет дена не јадеше, се хранеше преку стома. Беше како билка. Но, по првата тура од шест месеци од таблетките „нураид“ колку што ги примаше, веднаш се покажаа резултати. Роберт почна да јаде. Потоа нарачавме уште и еве го сега почна да зборува. Неврологот ми препорача да продолжи да ги пие и ми даде надеж дека стостојбата ќе му се подобри дури 95 проценти. Во моментов не чита и не пишува, бидејќи во мозокот имаше црна лезија. Но, сега јадењето и говорот се подобрени, а за другото треба време и овие лекови, рече Гордана и додаде:
-Ни препорачаа и психолог и јас сум прездоволна од Тања, која ми се чини дека покрај Роберт ме излечи и мене. Со помош на неа Роберт се смири, а и јас. Ми забрани да плачам пред него. Ме советуваше дека колку и да ми е тешко, пред него да се појавувам само насмеана. Сега со ќерка ми само така правиме. Колку и да ни е тешко, ние се смееме. А и убаво ми е на душата кога го гледам Роберт сега како оди, сам јаде, размислува. Стана од постела. Дури успеа и кафе да ми свари. Навистина сум пресреќна, вели Гордана.
Подобрувањето на Роберт е до толку очигледно што се сетил дури и на сообраќајката.
-Кога му се врати сеќавањето, нѐ однесе на лице место кај што се случила сообраќајката и ни кажа сѐ како се случило. Ни рече дека бил кај другар, на враќање накај дома пат му пресекла бела кола и тој се занел и паднал. Но, бела кола во записникот никаде немаше. Роберт се сеќава на ликови, но на имиња не. Луѓето кои не ги гледа секој ден не ги памети, а тие што ги гледа секој ден ги знае, рече таа.
Но, за да Роберт оздраве како што треба и повторно да му се врати на животот потребно се таблетите „нураид“, кои се многу скапи. Ова семејство не е во можност да ги обезбеди за да Роберт има терапија за цела година.
-Овие табетки се пијат шест месеци, па еден месец се паузира, па повторно се пијат шест месеци. Само за шест месеци чинат 168.000 денари, па потоа уште толку за следните шест. Значи потребни ни се 6.000 евра за цела година. За еден месец чинат 29.000 денари, пари кои ние не сме во можност да ги обезбедиме. Таблетите „нураид“ се за оформување на нервните клетки, за потхранување на мозокот. Веќе три години ги пие, а сега лекарот ни препорача да ги пие уште една. За понатака се уште не се знае, се зависи од неговото опоравување. За оваа тура на лекот навистина немаме од каде,а потребни се 6.000 евра за цела година. Но, со Роберт за овие три години извојувавме многу битки, па се надевам дека со помош на хуманите граѓани ќе ја извојуваме и оваа, ни рече оваа борбена мајка.
Гордана на ваков начин се обраќа до хуманите граѓаните, бидејќи на другите не им верувсш, бидејќи, како што вели, имало обид да им злоупотребат личните податоци за брзи кредити.
-Пред извесно ми се јави девојка која рече дека се вика Ане Анита, која се наоѓа во Канада за јас да ѝ пратам лични податоци, односно лична карта со селфи. Ми рече побрзај бидејќи за 20 минути ќе одам на работа, а сакам да ти пратам 300 евра. Јас се освестив и ѝ реков- за 20 минути ти може да ми извадиш само брз кредит на мое име, кој јас ќе го платам, а ти ќе си ги земеш парите. Ова го кажувам за да им помогнам на други кои имаат потреба од финансии за да не наседнат на такви лаги, рече Гордана.
(В.М.)