Стефана Димитрова (26) и Даријан Кочовски (27) се годинашните младенци на традиционалната „Галичка свадба“.
Годинава на овој настан слават јубилеј, 10 години откако се во љубовна врска, но и 10 години како се дел од оваа манифестација.
Стефана е по двете баби по потекло од Галичник. Таму имаат куќа и секое лето го поминува тука.
-Од мала сум израсната таму. Галичка свадба ја гледам уште од мала и учествував во неа. Оваа година славиме дупли јубилеј. На Галичка свадба со носија во сите церемонии учествувам 10 години, а 10 години како сме заедно со Даријан. Заедно сме од деца, се запознавме пролетта и истата година почнав да учествувам на манифестацијата, вели Стефана и додава дека ова не е прв пат младоженците да потекнуваат од нејзиното семејство.
-Брат ми Илчо, беше зет пред две години, а фамилијарно со братучетките сите се облекуваме за овој настан. Потекнувам од семејствата Чаловски и Веновски, двете мои баби се родени таму. Среќна сум што ќе бидам облечена во носијата од прабаба ми Докија Чаловска. Од таму произлезе чувството на припадност и желба да се венчаме таму. Тоа е моја желба, а му благодарам на Дарјан што ми ја исполни желбата и докажа што значи вистинска љубов и разбирање , вели таа.
Даријан Кочовски(26) е од Скопје, нема галичко потекло, неговите потекнуваат од Струга и Скопје, но сите се подготвени со носиите да бидат дел од оваа манифестација..
-Моите многу се израдуваа. Мајка ми не охрабруваше да бидеме галички младоженци. Секоја година и јас се облекував во носии и сите обичаи ни се познати. Многу сум среќен, нема подобра улога. Адетите повеќе се фокусирани на младоженецот. Чест ми е што сум дел и што ја чуваме македонската традиција, рече Дријан, кој во моментов нема брада, но до недела ќе биде подготвен за бричење.
Стефана по професија е фармацефт и работи во „Алкалоид“, додека Даријан работи во МВР. Се запознале преку Фејсбук, се договориле да се сретнат и од тогаш се заедно.
-Кога се запознавме имавме по 16 години, значи од деца сме заедно. Возбудени сме многу. Граѓанскиот брак и свадбата е закажана за 14 септмеври. Ова ни е најважен момен, црковниот брак, љубовта пред бога, велат тие.
(В.М.)
Фото: Вангел Тануровски