Грчките медиуми, најавувајќи ги активностите на премиерот Кирјакос Мицотакис во Вашингтон на Самиот на НАТО што се одржува од денеска до четврток, пишуваат дека прашањето за неупотребата на уставното име на Македонија, ќе го покрене пред сите сојузници.
„Извесно е дека Мицотакис ќе го покрене и прашањето за Северна Македонија и почитувањето на договорот од Преспа , бидејќи тоа е прашање што ја засега Алијансата, бидејќи Северна Македонија можеби е членка на НАТО, но во исто време е ранлива земја под различни притисоци. Згора на тоа, неупотребата од страна на новото раководство (Сиљановска и Мицкоски) на уставното име на државата, како што е експресно предвидено во договорот од Преспа, но и општиот став на двајцата лидери, кои неколку пати тврдеа дека внатрешно ќе ги повикаат земјата „Македонија“, предизвикаа жестока реакција од Атина, при што премиерот во две интервјуа најави дека ќе го покрене ова прашање пред НАТО, предупредувајќи дека односот на соседната земја става кочница на нејзиниот европски пат“, пишува Катимерини.
Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис вчера изјави дека не е планирана средба, но дека не е исклучено на маргините на Самитот, да има билатерални средби.
– Не е планирана средба, но не е исклучено во рамките на активностите и на маргините на Самитот на НАТО, премиерот да има и некои билатерални средби. Но, нешто планирано, не постои, рече Маринакис на прашањето на МИА за евентуалната средба Мицотакис – Мицкоски.
Портпаролот на грчката Влада на вчерашниот редовен брифинг со новинарите рече дека Мицотакис на НАТО Самитот „ќе го покрене на највисоко ниво“ почитувањето на Договорот од Преспа.
– Ќе го покрене прашањето на највисоко ниво. Ќе го спомене Договорот што не се почитува, особено прашањето со сложеното име ерга омнес. Ќе спомене низа изјави што се спротивни на Договорот од Преспа, односно спротивно на она што е изгласано од двете држави, бидејќи како што сфаќате присуството на Северна Македонија на НАТО е резултат на овој Договор, но нашата соседна земја, не ја почитува ниту првата страница на овој Договор и е нешто за што се подразбира дека Кирјакос Мицотакис ќе го покрене, рече Маринакис.
Според официјалните програми на двајцата премиери, освен на Самитот на НАТО и предвидените активности на маргините, двајцата ќе присуствуваат и на вечерата во Белата куќа во организација на американски претседател Бајден.
Мицотакис, исто така, заедно со својот полски колега поднел предлог за европски штит за противвоздушна одбрана кој ќе се финансира со европски ресурси и ќе функционира покрај НАТО.
На дневен ред на Самитот се теми како зајакнување на одбранбените капацитети на Алијансата, потврда за поддршката на Украина, како и соработката на НАТО со партнери како ЕУ и ИндоПацифик 4 – Австралија, Јапонија, Нов Зеланд, Јужна Кореја – од Индо-пацифичкиот регион, како и со државите од јужното соседство за справување со заедничките безбедносни предизвици како што се тероризмот, илегалната имиграција и заштитата на слободната пловидба.
Извор: Катимерини, МИА