Во текот на изминатите два месеца, ЈП Комунална хигиена-Скопје се соочува со зачестена појава на непрописно исфрлање отпад на јавни и сообраќајни површини, особено на микролокациите каде што се поставени и садовите наменети за одлагање на комуналниот отпад.
-Екипите на Претпријатието, за време на изминатиов викенд отстранија енормно количество отпад од диви депонии – вкупно 60 кубни метри кабаст, градинарски и мешан комунален отпад одложен до контејнерите лоцирани на улиците Македонска војска, Борис Сарафов, Лука Геров, Воин Драшковиќ, Мирче Козар, Христо Батанџиев и Никола Пушкаров во скопската општина Ѓорче Петров, на улицата Васил Чакаларов во општината Карпош, како и на улиците Христијан Тодоровски-Карпош и Џон Кенеди во скопската општина Чаир, информираат од Ј Комунална хигиена .
Градот Скопје и ЈП Комунална хигиена-Скопје уште еднаш апелираат да престане непрописното и несовесно исфрлање отпад на јавни површини, коешто резултира со создавање диви депонии, а воедно директно ја загадува животната околина и го загрозува јавното здравје.