Куп ѓубре и урнатини останале по отстранувањето на десетина бараки во комплексот Автокоманда во Штип, или попознато како „Печурките“. Дуќанџиите, кои работат таму непречени и имаат развиени бизниси велат дека нивните соседи сами ги отстрануваат објектите. Тие и натаму остануваат да работат. Особено грда слика е во задниот дел на комплексот, каде останува да работи понекоја барака со занаетчии, мајстори кои работат на поправки и други мали бизниси.
За овој дел од градот, и покрај противењето на сопствениците на бизнисите, Советот на општината Штип усвои детален урбанистички план кој предвидува изградба на две згради со по 16 ката и подземна гаража. Во јавноста нема информација дали парцелата е веќе продадена, поради што се обративме до Општината Штип. Од таму добивме само кратко одговор.
-Што се однесува за просторот кај таканаречените „Печурки“, на сопствениците на времените објекти им е даден одреден временски период да ги отстранат времените објекти, бидејќи на тој простор ќе се реализира намената од ДУП (Детален урбанистички план), соопштија од Општината.
Според информациите за оваа парцела веќе имало една неуспешна лицитација, но дали ќе има нова, од Општината не соопштија.
Во усвоените Детален урбанистички план пишува дека на оваа површина е предвидено градење на две колективни станбени згради односно кули и трговски единици во приземјето и на -1 ниво „Станбените катови се развиваат на 16 ката. Површината на која што ќе треба да се развиваат деловните содржини зафаќа 61% по кат од површината на парцелата. Станбените катови се во вид на станбени кули. Истите се простираат на 16 ката. Точниот број на потребниот број на паркинг места ќе се утврдува со изработка на Основен проект“, пишува во ДУП-от.
Сопствениците на бизнисите во бараките реагираа на измените во ДУП-от, а дел од нив побараа да ги откупат местото и сами да го уредат.
В.К.