Со ова прашање градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов реагира за последниот вандализам во градот, насочен кон новите полуподземни контејнери, што се нова пракса на одлагање на отпадот, како едно од решенијата за почист град. Запалени се два од овие контејнери, а во иста вечер настрадаа шест контејнери на четири локации. Сомневањата се дека намерно се вандализирани.
-Преку зимата кога имавме греење и граѓаните фрлаа пепел не се случи тоа, а сега преку летото да има пожар во нив. Случајот е пријавен во МВР. Штетата е огромна. Ако можеше општината да оддели средства и да набави полуподземни контејнери, не е во ред однесувањето на одделни граѓани. Апелирам до граѓаните да ги чуваат овие контејнери кои преставуваат најдобар модел за собирање отпад, кои не шират непријатен мирис, нема исцедок на течности, расфрлан шут и собирање животни околу нив“, изјави Бранко Ѓеоргиев, директор на ЈКП „Комуналец“.
Градоначалникот Костадин Костадинов вели дека запалените контејнери се урбана опрема која, пред сé има значење за јавното здравје на сите нас и секој кој посегнува по него треба и мора драконски да биде казнет.
-Вакво дрско и недолично однесување кое се мери со вандализам е недозволиво. Ги охрабрувам сите надлежни органи и институции да го разрешат овој случај, а јас лично и понатаму ќе се залагам лицето на нашата Струмица да не се гнаси со вакви слики, смета Костадинов.
Градоначалникот им се обрати и на граѓаните:
-Драги Струмичани, да не дозволиме неколку неодговорни лица со нивното недолично однесување да продолжат со уништување на она што се гради и создава во нашиот дом.
Затоа, ве повикувам и поттикнувам да бидете одговорни граѓани – реагирајте, пријавете и превенирајте, за направеното да остане за сите нас и за идните генерации. Ова не е и не смее да биде ликот на Струмица!, реагираше градоначалникот Костадинов.
Општината постави 20 контејнери со капацитет од по 5 кубни метри, на повеќе локации во Струмица. За таа намена беа издвоени 10 милиони денари од општинскиот Буџет.