Претседателот на Движењето БЕСА и градоначалник на Тетово Биљал Касами до Собранието доставил изјава дека се откажува од пратеничкиот мандат и бара да не му биде верифициран.
-Јас Биљал Касами како избран кандидат за пратеник во Шестата изборна единица на Парламентарните избори 2024, при чиста совест и здрав разум, неприсилен од никого, под целосна морална, материјална и кривична одговорност, изјавувам дека се откажувам од пратеничкиот мандат и барам да не ми се верифицира мандатот од страна на Собранието на Република Северна Македонија, стои во изјавата на Касами потпишана со датум 23 мај 2024 година, а како дел од материјалите за утрешната конститутивна седница на Собранието.
Касами беше кандидат за пратеник од Коалицијата ВРЕДИ.
На првата седница на новиот парламентарен состав што е закажана за утре со почеток во 11 часот, прва точка на дневен ред е избор на претседател и членови на Верификациската комисија на Собранието.
На седницата треба да се изврши верификација на мандатите на пратениците, да се изберат претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, како и претседател на Собранието.