Пензионерите ќе добијат зголемени пензии, а семејствата зајакната социјална заштита преку додатоци од државата по повеќе основи. Ова се дел од економските придобивки кои би произлегле од евентуалниот договор за коалиција на Христијан Мицкоски и Арбен Таравари.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски во јавните излагања изрази уверување дека следната влада ќе ја формира токму оваа партија, а дел од владата ќе биде и коалицијата на албанските опозициски партии „Влен“ (Вреди).
Во пресрет на парламентарните избори се интензивира реториката за можните коалиции во новата влада која ќе се формира по гласањето в среда. Една од калкулациите кои веќе влегоа во јавниот дискурс, е онаа за коалиција на ВМРО-ДПМНЕ со албанските опозиционери. Ова следува откако Мицкоски во говорот кој го одржа по првиот круг на претседателските избори кажа дека се слушнал телефонски со Таравари и му посакал успешни парламентарни избори односно идна влада во Македонија.
На заедничка соработка повика и потпретседателот на партијата, Александар Николовски.
„Влада предводена од ВМРО – ДПМНЕ, а бидејќи во Македонија е непишано правило да има партнер од албанскиот политички кампус, односно на сега таканаречена албанска опозиција или ВЛЕН, да се обедини заедно со нас и да формираме влада која радикално ќе расчисти со сето она што во моментот е владеење во Македонија, од СДСМ и особено од ДУИ, бидејќи во моментот ДУИ владее со Македонија и тие се вистинските газди на Македонија и на тоа ќе ставиме точка“, изјави Николовски.
Телефонскиот разговор го потврди и Таравари додавајќи дека коалицијата „Влен“ сега е фокусирана на работата за парламентарните избори, за најголем број мандати.
-По изборите ќе се водиме од националниот интерес на Албанците, од итната потреба да се исчисти власта од корупција и од нашата непреговарачка прозападна ориентација. Ние како ВЛЕН сме пообединети од кога било. Нашиот глас е мнозинство од гласовите на Албанците. Нашите мандати одат кај пратениците Албанци. Бидејќи ние го штитиме напредокот на Албанците, не ги продаваме и не ги купуваме – порача Таравари.
И додека ВМРО-ДПМНЕ децидно се противи на уставните измени, сѐ поизвесно е дека без нив, коалицијата со албанските опозициски партии би била невозможна.
Претседателот на Беса, Биљал Касами кој е меѓу лидерите на опозициската коалиција Вреди, потенцираше дека доколку се дел од идната влада ќе ги изгласаат измените на Уставот како гаранција за членството на земјата во ЕУ.
„Во таа влада, се разбира, кажавме и кажуваме дека го гарантираме интегрирањето на земјата во ЕУ и унапредувањето на правата на Албанците. Затоа, кога велиме дека ќе се изгласат уставните измени и ќе се изгласат. Ние не сме како ДУИ која за 10 години коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ не направи ниту најмал чекор кон интеграција во Европската Унија“, нагласи Касами.
Иако уставните измени остануваат „камен на сопнување“, во програмите на „Твоја Македонија“ и „Вреди“ делумно се бележи совпаѓање во социо-економскиот дел.
А кои би биле придобивките за граѓаните од евентуалното коалицирање?
Пензионерите ќе добијат зголемени пензии за пет илјади денари во првата година од мандатот. Програмата на „Твоја Македонија“ предвидува и единствен износ на минимална пензија и законски измени за купување најмногу 23 месеци пензиски стаж.
Коалицијата „Вреди“ исто така предвидува повисоки пензии, но нема прецизирање за колкаво зголемување станува збор. Предизборната програма на опозициските партии од албанскиот блок вклучува и минимална пензија за лицата кои не биле дел од социјалното осигурување, еднаква на минималната плата.
На социо-економски план предвидена е и поддршка за семејствата. Ако ВМРО-ДПМНЕ ја формира идната влада, семејствата ќе добијат еднократна финансиска поддршка од 250 евра за првородено дете и од 500 евра за второ, додека по 750 евра ќе следуваат за близнаци, третородено и секое наредно родено дете.
Она што го ветуваат од „Вреди“ е финансиска поддршка за семејствата од по 1000 денари за секое дете до 18 години, со можност за продолжување и зголемување до 1.500 денари за децата кои посетуваат високо образование, дури и до 25 години.
Додаток се предвидува и за семејствата со еден родител, каде поддршката би изнесувала 1500 од дете, а оние кои ќе посвојат дете ќе добиваат по 2500 денари месечно.
И „Твоја Македонија“ и „Вреди“ наведуваат мерки за поддршка на младите. Оттука, ВМРО-ДПМНЕ ветува дека нововработените млади лица до 29 години ќе добијат даночно ослободување кај данокот на личен доход, а актуелната албанска опозиција ветува дека доколку стане дел од идната влада ќе се создаде Младинска слободна економска зона посветена на млади бизниси.
Сепак, и кога станува збор за фискалната политика, од „Вреди“ играат на картата на националност па предвидуваат слободна економска зона посветена целосно на бизнисите на албанските печалбари. Во програмата на албанските партии може да се забележи и ветување за нова албанска банка преку која ќе се зголеми учеството на Албанците на финансиските пазари.
Настрана од економијата, и покрај разединетоста околу уставните измени ВМРО-ДПМНЕ и Вреди се сѐ поблиску до постизборна коалиција.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети му порача на Мицкоски дека тој нема да одреди дали оваа партија ќе оди во опозиција, но на негова „адреса“ стигна одговор дека тој седи на повеќе столици и дека граѓаните сакаат промени на подобро.
(В. Ми)