Некаде удрија тапаните и се разгореа факелите, некаде беше тивко, некои го признаа поразот веднаш, некои се радуваа на изборниот резултат, па иако немаа победнички бројки, сепак, оптимистички го чекаат вториот круг. Ваква беше сликата во партиските штабови, чија атмосфера се подигаше и спушташе како што доаѓаа резултатите од гласањето. Слика која е веќе видена по партиските штабови низ годините кога се во прашање изборите во Македонија, само се менувале актерите.
Идејата за европска иднина на македонската татковина и флоскулите дека за земјава нема друга алтернатива освен ЕУ, сепак, не ги ставија во сенка бројните предизвици на граѓаните во ова општество. Тешкиот, но вистински пат кон ЕУ како што „милуваат“ да оценат функционерите од актуелната власт, за граѓаните се чини дека сѐ уште е далечен, додека голем дел од нив едвај врзуваат крај со крај во месеците во кои постојано расте синдикалната кошница.
Своевидната закана од типот „ако не па, да го вратиме Груевски“ не го исплаши електоратот кој жестокото се бореше против владеењето на екс премиерот. Па така, дипломатот Арсим Зеколи во својата најнова колумна пишува дека изборните резултати се јасна и видлива демонстрација на одмазничко настроено гласање на граѓаните.
Камшикот, од блиску дојде – колумна на Арсим Зеколи
Неговата колумна објавена на Дојче Веле следува откако професорката Гордана Силјановска Давкова го претрка актуелниот претседател Стево Пендаровски во вчерашниот, прв круг од претседателските избори.
Зеколи при тоа оценува дека добар процент од гласовите на контото на Силјановска Давкова се нашле таму како камшик за одмазда, без поврзаност со какви било мотиви од убеденост во неа.
-Но тоа не ја намалува нејзината убедлива победа. Која однапред не беше спорна како исход, но беше шокантна како квантитет кој ги става под прашање изводливостите на било која од формулите за нејзин пораз во вториот круг. Иако е извесно, сепак е некоректно Сиљановска уште отсега да ја прогласиме за President elect – пишува Зеколи алудирајќи на фактот дека за две недели граѓаните повторно излегуваат на гласање.
Ковачевски призна пораз, но не и откажување од европската иднина
А првичните резултати не беа очекувани за СДСМ чиј кандидат Пендаровски заостана со над 160.000 гласови зад неговата опонентка. Ова на прес конференција го призна и партискиот лидер, Димитар Ковачевски кој укажа дека нема да се откажат од европската иднина.
„Се надевавме на подобри резултати, но јасно е дека луѓето нè казнија и тоа го прифаќаме. Ова е тежок удар за европската перспектива на Македонија, но сѐ уште не е доцна да се смени правецот. Знаеме дека луѓето се уморни од европскиот пат, многу луѓе сметааѕ дека Европската унија не ги одржа ветувањата, но нема друга опција освен земјата да биде дел од ЕУ. Време е да ги ставиме настрана сите разлики и да се обединиме зад идејата за европска Македонија. Ако ја пропуштиме шансата ќе ни треба многу време да се вратиме на вистинскиот пат“, порача Ковачевски од говорницата во прес центарот во хотелот Александар Палас.
Додека за време на говорот зад него стоеја едни од поистакнатите функционери од партијата, актуелниот претседател Пендаровски на говорницата се појави сам и од таму изјави дека резултатите не се онакви како што очекувал неговиот изборен штаб.
Веројатно во надеж, дека ќе промени нешто во пресрет на вториот круг, тој најави нови средби со граѓаните.
„Очекувам уште поголем одѕив. Нема да барам договор со другите кандидати за механичко префрлување на гласовите. Никогаш не сум го правел тоа, ниту сега планирам, за да механички преземам од било кого. Едноставно на сите граѓани ќе им го презентирам мојот концепт. Ќе одбијам било каков обид за нудење на квантум на гласови – тоа би било големо понижување на граѓаните“, порача Пендаровски на прес конференцијата.
Неговото обраќање се одржа дваесетина минути пред она на Ковачевски со кого барем пред очите на јавноста, не се сретнаа.
Факели и тапани пред партискиот штаб, ВМРО-ДПМНЕ со патриотски песни го прослави водството на Силјановска Давкова
За разлика од таму, изборните резултати направија вистинска „фешта“ во барокниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, кој беше претесен за членовите кои дојдоа да ѝ дадат поддршка на Силјановска Давкова.
Како што и претходно било вообичаено за оваа партија која на овие избори играше на картата на национализмот, и овој пат се вееше македонското знаме и се скандираше името на државата. Меѓу присутните беа и дел од естрадните уметници меѓу кои Миле Кузмановски, Бојана Скендеровски и Огнен Здравковски кои запеаја патриотски песни.
Кандидатката Силјановска Давкова пак, рече дека резултатите од првиот круг за неа се инспиративни. За разлика од претходните претседателски избори кога одржа говор од околу еден час па и дел од партиските членови почнаа да го напуштаат прес центарот, сега таа беше прилично пократка и во дваесетминутно обраќање ги сумираше впечатоците за изборниот ден кој резултираше на начин за кој како што рече, е благодарна и нема зборови со кои може да го искаже тоа.
„Горда сум на луѓето од мојот тим кои постојано беа со мене, ме бодреа, критикуваа и советуваа“, изјави таа, а во говорот меѓу другото, се фокусираше и на жените.
„Посебно сум горда на жените, без оглед на каква било припадност. Жените беа моја инспирација. Ќе покажеме дека без оглед каде и да сме, имаме во себе ум, енергија и креација и редно е ова општество да го искористи тоа“, порача Силјановска Давкова.
А лидерот на партијата која застана зад нејзината кандидатура, Мицкоски ги оцени резултатите како „победа за македонскиот народ’. Метафорички, тој оцени дека на осми мај доаѓа цунами кое опонентите ќе ги потопи целосно.
„Ветив дека ќе победиме со најмалку 100 илјади гласови разлика, победуваме со повеќе од 170 илјади гласови. Зборувавме дека многу работи ќе се случат не ни веруваа, нè потценуваа, мислеа дека си имаат работа со мали деца. Но ние благодарение на народот покажавме и докажавме дека Македонија ја има и ќе ја има уште многу долго време“, посочи Мицкоски.
Тој откри дека се слушнал со кандидатот за претседател на албанската опозиција Арбен Таравари, кому му посакал успешни парламентарни избори и „идна влада во Македонија“.
Но откако кандидатот на ДУИ, Бујар Османи го порази Таравари како кандидат на албанската опозиција, вицепремиерот Груби побара оставка и од него и од останатите градоначалници кои се дел од коалицијата „Вреди“.
Османи го порази Таравари, но албанската опозиција со обвинувања за ДУИ
Додека ДУИ славеше во Мала Речица, Османи оцени дека резултатите говорат за длабока победа на Европскиот фронт, но констатираше и оти покажуваат етничка поделеност при гласањето.
„Сè уште има впечаток дека граѓаните повторно не излегле целосно од етничката бариера помеѓу Македонците и другите етнички заедници што зборува сè уште за едно поделено општество, меѓутоа се надеваме чекајќи ги резултатите дека сепак граѓаните ја пратија пораката на заедништво коешто Европскиот фронт ја лансираше за Северна Македонија држава за еднакви можности на сите граѓани, соживот, хармонија и иднина во Европската унија“, нагласи Османи.
Коалицијата Вреди (Влен) го призна поразот, но ја обвини партијата ДУИ дека таа ја уништила можноста на овие избори да биде избран претседател Албанец.
На прес конференцијата која се одржа во седиштето на Партијата Демократско движење, а не во штабот на коалицијата, Таравари сепак увери дека нема да се повлече од политиката.
Тој најави дека допрва ќе изградат став за тоа како ќе ги насочат гласовите на нивните приврзаници во вториот круг од претседателските избори.
Изненадувачки позитивни резултати за Димитриевски
Во меѓувреме, како што оценија дел од медиумите, изненадување на овие избори беше исходот за лидерот на ЗНАМ-За наша Македонија, Максим Димитриевски. Во штабот на ЗНАМ не можеше да се забележи некоја посебна атмосфера макар што како што стигнуваа резултатите од ДИК така во текот на вечерта растеше и бројот на членовите и симпатизерите кои доаѓаат да дадат поддршка.
Димитриевски по објавувањето на резултатите, порача дека во македонскиот политички блок веќе е родена третата политичка сила.
„Факт е дека јас како кандидат и ЗНАМ освоивме повеќе од 80.000 гласови. Регистриравме субјект кој постои нешто повеќе од три месеци и со граѓанската поддршка се етаблираше на трето место во политичкиот блок. Сметам дека тоа е одличен појдовен резултат за понатамошна борба. Јас не се сеќавам дека во историјата на плурална Македонија имало вакви примери, да имате партија со некаде три и пол илјади членови, а да освоите над 80.000 гласови“, истакна тој и упати директна порака до Пендаровски да се откаже од оваа битка.
„Авангардни“ гласови за Ванковска, дебакл за Јакимовски
Од Левица пак, излегоа со став дека за нив гласала авангардата, но сепак признаа дека резултатите не се во рамките на очекувањата. Лидерот на партијата Апасиев потсети дека ова се нивните први претседателски избори и дека се на „правиот опозициски курс“.
Кандидатката зад која застана оваа партија, професорката Билјана Ванковска призна и „мала вина“ за резултатите бидејќи како што рече со години била дистанцирана од медиумите, па имала прекус период за да се наметне како препознатлив лик.
„Мислам дека е точно дека авангардата гласаше за нас, тоа го знам преку личните контакти. Очигледно дека народот се уште не е во таа фаза, изгледа му понудив визија зад две брда, така што отидов предалеку во тоа што го прогнозирав. Јас длабоко се надевам дека грешам во прогнозата и дека народот нема да се разочара после година или две од владеењето на новата претседателка“, истакна Ванковска на прес конференцијата во штабот каде и немаше некоја посебна раздвиженост.
А најтивко на денот на првиот круг од претседателските избори беше во седиштето на ГРОМ, можеби и неслучајно ако се земе предвид дека лидерот Стевчо Јакимовски освои помалку гласови одошто потписите кои ги собра како услов за кандидатурата.
Тој изгуби и во општината Карпош каде е градоначалник. На кусата прес конференција отворено го призна поразот и ѝ порача среќа на Силјановска Давкова во вториот круг.
„Дали резултатите се задоволувачки според мене, се разбира, дека не се. Далеку се од очекувањата. Но, како и да е, битно е дека граѓаните на Република Македонија имаа избор, бираа помеѓу седум свои кандидати. Дали биле во право во тоа што го избрале ќе видиме после пет години, се надевам дека ќе бидеме сите живи и здрави и после пет години ќе констатираме дали изборот бил добар или не“, изјави тој.
Вториот круг од претседателските избори е закажан за осми мај, кога граѓаните ќе гласаат и за нов парламентарен состав.
Податоците кои ги објави Државната изборна комисија врз основа на обработката на сто проценти од гласачките ливчиња покажуваат дека кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова освоила 362.682 гласови (40,08%), пред Стево Пендаровски од СДСМ со 180.306 (19,93%).
Вања Мицевска