Родителите на тинејџер од Мичиген кој уби четворица соученици беа осудени на 10 до 15 години затвор во вторникот, откако поротата ги прогласи за виновни за убиство од небрежност, во редок случај на родители осудени за пукање во училиште.
Џенифер и Џејмс Крамбли, родителите на Итан Крамбли, беа осудени веднаш откако неколку родители на жртвите дадоа емотивни изјави во судница во Оукленд, Мичиген.
„Не само вашиот син ја уби мојата ќерка, туку и вие двајцата“, изјавила пред судот Никол Босолеј, мајката на Медисин Болдвин (17). Џејмс Крамбли седел неподвижен додека неговата сопруга Џенифер ја спуштала главата.
Итан Крамбли имал 15 години во времето на пукањето во средното училиште во Оксфорд, Мичиген во 2021 година. Тој се изјасни за виновен во 2022 година по четири точки за убиство од прв степен и други обвиненија, а во декември беше осуден на доживотен затвор без помилување.
Обраќајќи се пред судот пред изрекувањето на пресудата, Џенифер Крамбли (46) рече дека ја изразува својата „најдлабока тага“ и додаде дека не знаела дека нејзиниот син е способен да убие.
„Ќе бидам во мојот внатрешен затвор до крајот на животот“, рекла Џенифер Крамбли и неколку пати ги именувала жртвите на нејзиниот син.
Нејзиниот 47-годишен сопруг, обраќајќи им се на судот и на неговите родители, рече: „Жал ми е за вашата загуба како резултат на она што го направи мојот син. Ова ви го кажувам од се срце“.
Обвинителите на судењата на двајцата родители изјавија дека „родителите биле несовесни бидејќи на детето му дале пиштол за Божиќ и игнорирале знаци дека неговото ментално здравје е влошено и дека е потенцијално насилен“. Адвокатите тврдеа дека родителите не можеле да предвидат дека нивниот син ќе изврши масовно пукање.
Соединетите Американски Држави, земја со редовно оружено насилство, доживеаја серија престрелки во училиштата, често од сегашни или поранешни ученици.
Има мал преседан за кривичните пријави со кои се соочуваат родителите на Итан Крамбли, а тие се првите родители обвинети за убиство од небрежност во пукање во училиште, кривично дело извршено од нивното дете.
Џејмс Крамбли му купи на Итан полуавтоматски пиштол од 9 мм како божиќен подарок само четири дена пред пукањето на 30 ноември 2021 година.
Претходно истиот ден, двајцата родители на Итан беа повикани во училиштето на разговор, откако наставниците открија насилни пораки и цртежи во неговите тетратки, соопштија обвинителите за време на судењето.
Родителите биле информирани дека на Итан му е потребно итно советување од стручна служба. Но, обвинителите велат дека родителите се спротивставиле и го однеле синот дома и дека ниту му го пребарале ранецот, ниту го прашале за пиштолот што знаеле дека го има на располагање.
Итан Крамбли бил вратен на училиште. Тој подоцна излегол од тоалетот со пиштол и почнал да пука, велат обвинителите, пренесува Н1.