Германската инвестиција „Маркарт” успешно ја гради својата приказна една деценија во Велес. Произведува ултра модерни компоненти за врвни брендови на автомобили со највисока технологија, а најголемиот дел од процесите се роботизирани. Фабриката и административна зграда се направени по светски стандарди.
Како што истакна денеска менаџментот на средба со новинарите, иновациите се во фокусот, а приоритет се вработените.
Иновациите се нашата приказна, но сериозно сме посветени и на вработените. Им нудиме одлични услови, можност за кариерен развој и флексибилно работно време. Оваа инвестиција е одличен пример дека и во Северна Македонија може да се работи на атрактивни работни позиции. Сакаме на младите кои се подготвуваат за пазарот на трудот, но и на нивните родители, да им ја пренесеме пораката дека и дома може да се работи по германски стандарди, рече директорот на „Маркарт”, Јурген Шмит.
Според Антје Ванделт, директор на Германската комора (АХК) во Северна Македонија, Албанија и Косово, атрактивни можности за професионален развој младите можат да најдат и тука.
-Одличен пример за добри работодавачи се германските инвеститори, а еден од нив е и компанијата „Маркарт”. Скоро една година сум во земјата и посетив голем број германски инвестиции, но и локални компании. Она што го видов е дека навистина се трудат да им овозможат подобри услови на вработените. Сметам дека овој тренд со се поголемиот број инвестиции и во иднина ќе расте, истакна Ванделт и потенцира дека понекогаш Германија е поблиску отколку што мислиме.
Новинарите имаа можност да ги разгледаат погоните, да видат на кој принцип работат ултра модерните машини, а презентирани им беа и дел од производите меѓу кои и автоматскиот менувач за БМВ со Сваровски кристали.
МИА